|

„ДОБРИОТ ЧОВЕК“ ГЕОРГИ ДИМИТРОВ

Некаде во кон крајот на педесетите години во тогавашна Југославија, сите ние младите ученици, одевме бесплатно на кино барем еднаш неделно. Филмот беше по избор на професорите, барем така беше во мојот Прилеп. Тогаш го гледавме и источногерманско-бугарскиот филм “Ѓаволовиот круг“ во кој се говореше за Лајпцишкиот процес и за судењето на Георги Димитров, во еден наместен судски процес на нацистичка Германија, со цел да се обвинат комунистите за палењето на зградата на германскиот парламент-Рајхстагот. Тоа било во 1933 година. Обвинител беше (на филмот актер, а во реалноста) рајхсмаршалот Херман Геринг, а главниот обвинет беше Георги Димитров. Филмот е реална приказна на тоа што се случувало тогаш во судилиштата на нацистичка Германија. Обвинетиот Димитров се брани вешто и конструктивно, доведувајќи го Геринг до живчан слом и подигравајќи се со него за време на целиот процес. Димитров е ослободен како невин, во меѓувремено добива советско државјанство и заминува, со редовен полет, од Берлин за Москва наполно слободен. Тогаш сите ние, младите ученици го обожававме Димитров, тој беше нашиот херој, а нормално, го мразевме Геринг до безумие. За тоа пишувавме и писмени работи, а постарите луѓе од нашата близина нјасно вртеа со главите, не сложувајќи се баш со се што сме напишале, но беа без вербална реакција…сега ми е јасно зошто било неодобрувањето, а сега сите знаеме какви ќе им биле последиците од реакцијата. Димитров почина во 1949 година, но со другарот Тито останаа вечни пријатели, даже и до денешен ден, на оној свет.

По 9 септември 1944 година, заедно со окупаторската советска армија, во Бугарија се враќа и Димитров, за да го превземе раководењето со државата и партијата, концентрирајќи ја целата власт во своите раце. Но, тоа не е оној луциден и интелигентен болшевик од процесот во Лајпциг. Во Бугарија доаѓа еден скршен човек, разведен, па одново женет, оптоварен со трагедијата од смрта на својот единствен син, обземен со алкохол и алкохолно лудило, несвесен и неодговорен за своите постапки…а кому и би му одговарал во тоа време, веројатно само на Сталин и на никој друг. Првиот чин на неговото владение е да формира 12 (и со зборови, дванаесет) судски совети, кои ќе им судат на “непријателите на народот, фашистите и другите ненародни елементи.“ Тоа е вториот чин од почетокот на крајот на една граѓанска држава каква што била Бугарија и нејзиното претворање во класична советска економска и идеолошка колонија. Првиот чин е почнат со самото влегување на советската окупациона армија, кога малубројните, сега охрабрени бугарски “шумкари“ (партизани, на македонски), со помошта на советите извршуваат скоро 30 илјади убиства на “народните непријатели“ за само еден месец.

Од 20 декември 1944 до 2 април 1945 година, организирани се 135 масовни судски процеси во земјата. Уапсени се 28 630 души. Против 11 122 души се подигнати обвиненија, а судбината на другите е нејасна и непозната. Процесите се водат во Софискиот Универзитет и во Судската палата, но и низ целата земја. Издадени се 9 155 пресуди, а на смрт се осудени 2 730 души. На 15 годин строг затвор е осуден и поранешниот заменик претседател на Парламентот Димитар Пешев, познат како најзаслужен за спасувањето на бугарските евреи. Тој е осуден под обвинение дека водел “фашистичка политика и антисемитизам“ баш така:фашистка дейност и антисемитизъм) Бугарија е смрзната од жестокоста на социјалистичката власт. Блискиот до Москва и познатиот водач на преврати во Бугарија Кимон Георгиев, вечниот противник на ВМРО е згрозен од пројавените жестокости и беззаконие. Тој тогаш е премиер на Бугарија и во тоа својство, на 5 октомври 1944 година апелира да се престане со насилието и беззаконијата. Одговорот на Димитров е експресен: относно подсъдимите на бъдещите Народни съдилища) на ЦК на БРП на 21 декември 1944 г.: „Никой не трябва да бъде оправдан“ и през януари 1945 „И никакви съображения за хуманност и милосърдие не трябва да играят каквато и да е роля“.

На 3 јули 1945 година Главниот “народен“ обвинител на Бугарија дава извештај дека вкупно има 2730 смртни пресуди, 1226 доживотни зтворски, 820 едногодишни зтворски, 946 15-годишни затворски пресуди, 687 на 10 години затвор и 3741 на кратки затворски казни, веројатно под една година. Некои од затворените не успеваат да преживеат во затворите, умираат од глад, насилие и тормозења. Речиси сите осудени на смрт и долги затворски казни се бугарски министри, генерали, научници, партиски лидери од демократските партии, писатели, издавачи на весници и публикации, даже и цртачи на карикатури. Димитров ја уништува целата бугарска интелигенција и нанесува штети од кои бугарското општество не може да се опорави до денешен ден.

Тоа е делото на “добриот пријател“ на македонците и на Тито. Само за споредба: на познатиот Нирнбершки процес на кој се суди на нацистичките злосторници, под суд се подведени 19 души, а осудени на смрт се само 12 души. Во Токио се изречени само девет смртни пресуди.

Убаво е тоа што ние си ги сакаме Тито, Лазо, Темпо, па и Георги Димитров, тој специјалист за судски терор, кој ќе ни “дадел право“ само да стигниме до следното судилиште. Ама, ние не сме учеле од тие книги. Затоа ни е чудно кога Захариева си дава мнението за нешта кои ние не сма ги учеле, или не сакаме да ги учиме. Затоа е и проблемот со историјата, затоа е и проблемот со Тито. Тие двајцата биле заедно во Москва, во “хотел Лукс“, оделе заедно кај батушката Сталин и добро ја научиле лекцијата за терор и диктатура од најдобриот учител на Европа тогаш. Тито живееше долго, но неговите налози за убиства без суд и пресуда не се заборавени и ненапишани. Србите, хрватите и словенците само чекаа “да си замине“ за да објават томови и томови книги за умирањата, убиствата и насилијата во Титовиот “рај“. Обземени со сопствените трагедии, заборавивме на Димитров. Умира на 2 јули 1949 година во Москва, останат во бесознание и во алкохолно безумие, болен од сите болести кои ги следат пијаниците и тираните. За него остана спомен од градот Димитровград, додека ние го мавнавме префиксот “ титов“ во сите градови на СФРЈ.

Наместо да се правиме на паметни и патриоти, најдобро би било нашиот државен врв да ја праша Захариева од кои книги и архивски документи читала за титовата тиранија и злосторства. Дека такви материјали има, знам сигурно…сум ги читал. Таму ќе најдеме и сведенија за сопственото социјалистичко минато и ќе разбереме дека никогаш немало никаков рај, без да има и пекол…ние треба да минеме низ чистилиштето.

Автор: Владимир Перев

Слични Објави