| |

Македонија- камен на мудрост и камен на сопнување

Пишува: Васко Цветковски

Македонија во исто време е и камен на мудрост но и камен на сопнување. Таа е мерката која силите околу неа и во неа ги покажува трпеливи, но и брзоплети и глупави. Трпеливите ги наградува, а брзоплетите ги доведува до пропаст на лудило. Први со Македонизмот почнаа Грците, во втората половина на 19тиот век, добро смислија, но не беа трпеливи, и се изгубија, па сеуште талкаат низ ноќната мора, која, ако беа трпеливи, за нив ќе беше најслатка реалност. Понатаму идејата за Македонија до совршенство ја доведоа Корифеите на Организацијата (подоцнежно ВМРО), но тогаш соседите не беа трпеливи, а и Европа. Потоа Српските комунисти, и тие успешно ќареа со трпение цели скоро 100 години. Но српскиот национализам, како и секој друг национализам не знае да трае, да чека, не знае за трпение, и полека полека Македонија им бега, а тие остануваат да чкртаат со заби заедно со Грците.

Бугарија, малку се поучи, направи добар почеток во 90тите, но нема доволно трпение и таа. Изгледа дека единствено најдобро во моментов ја разбираат Албанците, дури и подобро и од нас, далеку подобро. За Албанците можам да речам дека се најблиску на идејата за Македонија на Гоце Делчев и Тодор, но ние сме веќе антички, и нема со кого таа идеја да ја спроведат, па принудени се и тие да одат на дај шта даш . А 90-тите пак беа најдобра прилика за Грција. Место да тргне по умот на Милошевич и да се надева дека Македонија нема да ја биде, требаше тогаш прва да н’е признае, да н’е поддржи и да биде наш Ментор. Во тие времиња, со Македонија во рака, Грција ќе станеше и Ментор на цела југоисточна Европа и фактор на континентот, а и положбата спрема Турција ќе и беше далеку поповолна.

Нашиот ВИП денес дома ќе зборуваа веќе втора генерација грчки ☺. Но очигледно е дека Грција повеќе сака да биде разгалено детиште на Европа, отколку мудар нејзин Татко. Сега шансата ни е дадена повторно нам, само треба да се вратиме на книгата, да се смириме со нашите предци, за коишто во бунило сеуште не сме начисто дали биле херои или предавници и изроди бугарашки, да ја спознаеме вистината и таа да не ослободи. Совет до сите сили, и до Белградите, и до Атините, и до Софиите, и до Приштините, и на крај до Скопјето, па и до Калето: не се лакомете и не ја сањајте Македонија страсно, Македонија прво треба да се разбере и да се сака искрено и мило и мирно, и само така таа за сите нас може да биде швајцарски сладок сон. Кој ја разбере и биде трпелив, таа ќе го покаже мудар, а кој пак ќе се обиде да ја реши како силувач, таа ќе го покаже за бедник.

Македонија е меч со 2 острици, ова треба добро да го знаеме сите. Затоа и Гоце рече Македонија е на Македонците. Македонец не е оној што ја има крвта македонска, македонска крв не постои, затоа што Македонија не е биологија и крв и месо, таа е над крвта, македонската крв ја укина Александар, и прв предложи човекот да се издигне над крвта. Тоа го научи Август, и затоа создаде Империја, која умре точно во моментот кога се врати повторно на крвта. Македонија е идеја, мудрост, и Македонец е оној што ќе успее оваа мудрост прво да ја разбере, а потоа и да ја живее.

Слични Објави