| |

Да го заковаме првиот клинец во мртовечкиот сандак на омразата

Пишува: Димо Петкоски

Во интерес на европскиот развој на Република Македонија, ги повикувам лидерите на политичките партии и оние што добија пратенички мандати во составот на македонскиот парламент, да донесат што побрзо одлука за иднината на Македонија. Пред се од загриженоста за развојот на нашата земја, сметам дека е време да се стави крај на политичките препукувања и личните суети на политичарите, што е една од главните пречки Македонија да зачекори по својот европски пат. Уверен сум дека политичките партии, како дел од македонскиот парламент треба да ја преземат својата одговорност пред граѓаните, кои ги изгласале и кои се надеваат дека реформите во сите сфери на општеството ќе продолжат.

Ако во овие тешки денови за македонската државност не се преземат мерки за сузбивање на говорот на омраза и поделби на граѓаните, Македонија не ја очекува ништо добро. Време е декларативните пароли од предизборната кампања да се стават на втор план, а одредени фигури да заборават на своите суети, барем за извесно време. Македонија нема потреба од испокарани кланови, кои имаат заедничка цел, што се разликува од онаа примарната цел на политичарите, кои себеси се нарекуваат државници, а имено борбата за економски развој и добробит на народот. Македонската политичка елита не смее да дозволи нашата земја да губи повеќе време во интриги, партиски превирања и евтин политички театар. Време е за акција и секој потег што ќе донесе проветрување на македонската политичка сцена, со јасен европски карактер, треба да биде поздравен.

Двете најблиски држави на Балканот, Бугарија и Македонија се на чекор од еден нов почеток, нов момент што слободно може да се протолкува како првиот клинец во мртовечкиот сандак на омразата. Тие сеништа од минатото е време да бидат уништени со заеднички сили, за Македонија и Бугарија да тргнат чисти кон својата заедничка иднина во структурите на Европската Унија. За нас нема друга алтернатива, освен европскат интеграција на нашата земја. Токму поради таа причина сум убеден дека со прифаќањето на францускиот предлог, ќе се направи првиот и најважен чекор кон помирувањето и зближувањето на вештачки разделените луѓе во Македонија и Бугарија. Ги поздравувам сите прогресивни сили во РМ за нивната верба дека одат по вистинскиот пат. Ги поздравувам за тоа што промовирајќи европски вредности помогаат во борбата против балканските комплекси од минатото.

Драги пријатели, ние успеавме и не потклекнавме ниту за еден момент и чекориме гордо кон победата. Време е Македонија да биде на победничката страна и ќе биде бидејќи го заслужила тоа. Вие сте вистинските патриоти денес, а не оние кои криејќи се позади невкусно нашминканите митови и легенди кои три децении ја оддалечуваа Македонија од нејзиниот природен пат, а имено европскиот развој и гарантираната безбедност во Северноатлантскиот пакт.
Позитивните промени доаѓаат. Балканот веќе нема да произведува историја, туку ќе оди напред и ќе биде арена на соработка за заедничкото добро на сите. Трансграничните проекти ќе ги заменат протестните ноти. Размената на капитал, идеи и професионалци ќе ја замени размената на омраза и препукувањата. Тоа е нештото за што се боревме, се бориме и ќе се бориме во иднина и од тоа нема како да отстапиме. Позади нас е Македонија и додека не ја видиме како нормална, напредна и европска земја ние нема да застанеме.

Во оваа прилика, уште еднаш ја изразувам вербата во демократскиот капацитет на граѓаните на Македонија и вербата во просперитетна иднина. Нашите заложби за напредна и европска Македонија се на пат да станат реалност.



Слични Објави