АЕЦ „Козлодуј“ презема дополнителни мерки поради рекордно ниското ниво на реката Дунав
Во бугарската АЕЦ „Козлодуј“ се преземаат дополнителни мерки поради ниското ниво на реката Дунав, соопшти бугарското Министерство за енергетика. Двата блока на нуклеарната централа продолжуваат да работат според предвидениот распоред и во моментов нема потреба од ограничување на производството, пренесува бугарскиот дневен весник 24 часа.
Екипите на централата деноноќно го следат нивото на реката и работата на крајбрежните пумпни станици, кои ја обезбедуваат потребната вода за ладење на реакторите.
Паралелно се чистат и каналите преку кои водата од Дунав стигнува до централата.
Ресорниот штаб во Министерството за енергетика ја поддржува работата на екипите на АЕЦ „Козлодуј“ и е во постојана комуникација со надлежните институции во Бугарија, како и со европските министри за енергетика.
Нивото на Дунав ова лето достигна историски ниски вредности.
Според нуклеарни експерти, при ново значително намалување на водостојот најпрво би можело да биде потребно намалување на моќноста на централата, а доколку биде достигнат следен критичен праг – и запирање на блоковите.
Од Министерството за енергетика, сепак, посочуваат дека во моментов нема потреба од такви мерки.
Нискиот водостој на Дунав веќе предизвика проблеми и за други нуклеарни централи долж реката. Во Романија беше запрен реактор во АЕЦ „Црнавода“, додека во Бугарија засега нема ограничување на производството во АЕЦ „Козлодуј“.

