Ајде да зборуваме за современи теми-историјата е демоде

//

Пишува: Маузер

После долго натегање околу историјата помеѓу Македонија и Бугарија таа падна во втор план. Не дека историскиот и јазичниот спор се разрешени, туку бугарската страна едноставно одговори на повиците на нивните македонски колеги дека нема смисла да се оспорува историјата во 21от век, дека тоа не е причина за вето и дека треба да се свртиме кон иднината. И бугарската страна реши да го направи баш тоа. Од Гоце и јазикот во моментов на тапет се правата( или недостатокот на истите) на Бугарите во Македонија. Сакавте модерни теми, ајде да зборуваме за нив.

Што всушност сега бара Софија од Скопје? Во кратки црти тоа се внесувањето на Бугарите во Уставот на РСМ, сопирањето на говорот на омраза и санкционирањето на случаите на дискриминација кои според министерот Димитров не постојат затоа што никој до сега не пријавил таков случај до агенцијата за заштита од дискриминација која како да не постои. И секако не требаше долго да помине додека некој не се јави дека внесување на Бугарите во уставот нема да има додека Македонците не бидат внесени во бугарскиот устав. Мицко (Крстиќ), водачот на Здружението за борба против бугарските бандити од 21век, ДПМНЕ Ваљево или во народот познато како ВМРО ДПМНЕ, реши одлучно да им врати на Бугарите и нивните безобразни предлози и да бара целосен реципроцитет. А Бога ми читајќи ги коментарите по социјалните мрежи и муабетите во јавноста, тоа е доста популарно мислење помеѓу Македонците. Навидум просто и разумно барање, ако нема Македонци во Бугарија, нема да има и Бугари во Македонија, но работите не се баш такви како што се чинат на прва.

Македонските Бугари, со влез во уставот на РСМ не бараат нешто што македонската држава веќе не го дала на речиси сите други етнички заедници,а веќе и планира да го даде на мали заедници како хрватската или црногорската. Македонија, за разлика од Бугарија признава етнички малцинства и колективни права, додека Бугарија има национална држава без малцинства и загарантирани индивидуални права. Тоа значи дека во „Рамковна“ Македонија, места за вработување на Бугарите во државната служба нема. За да има тие мора да декларираат некоја друга националност, нешто што е понижувачки и погрешно. Во самиот старт Бугарите се во подредена положба во однос на скоро сите други граѓани на Македонија, а секое одбивање тие да се внесат само ја потврдуваат тезата на Софија дека има селективна дискриминација кон Бугарите. Тие Бугари се пред се граѓани и жители на РСМ и таа треба да се погрижи за нивната еднаквост без тие да бидат заложници на нејзините односи со Бугарија.
За разлика од РСМ, во Бугарија никој од Македонците не е прашан што е по националност при вработување. Тие можат да се вработуваат и да жиевеат како и сите други граѓани на Бугарија без воопшто некој да ги праша за нивната етничка припадност. Како што во Бугарија официјално има етнички Роми и Турци, но нема ромско и турско малцинство, така нема и македонско малцинство иако има луѓе кои се чувствуваат етнички Македонци. Ги има неколку стотини во Пиринска Македонија и бараат целосна ревизија на бугарскиот уставен, територијален и безбедносен поредок.



Небулозите кои ОМО Илинден ги бара можете да ги прочитате на следниот линк. Од другата страна Бугарите во Македонија само бараат изедначување со веќе постоечките права на сите други заедници. Дури напротив, мислам дека речиси нема ниту еден македонски Бугарин кој нема да поддржи Македонија да стане национална држава налик на Грција, Франција или Бугарија без малцинства и малцински права, арно ама некој на запад ќе пука ако бидне такво нешто. Македонските Бугари се утепуваат од докажување колку не сакаат да се двојат, па дури и жестока дискусија е дало воопшто треба да се кажуваат Бугари и да се двојат со браќата Македонци. ОМО пак од друга страна сака сепаратизам, па дури и до таа мерка што сака на личните карти да пишува кој што е по националност што е тотална небулоза и непостоечка практика во било која демократска држава. Да не зборувам за другите барања кои кое од кое се побизарни и помегаломански. Да биде посмешно такви нешта пишуваат групичка на лица во позни години кои не можат да соберат повеќе од 200 гласови, а добродушните Пиринци со бугарско етничко сознание ги третираат како симпатични тролови.

Тие исти тролови никој не ги спречил да се попишат како што сакаат, нешто што на стотици македонски Бугари им беше ускратено минатиот месец, никој не им забранува да се собираат и прават разни дернеци по Благоевградската област, додека панахидите во Скопје се безбедносен ризик и завршуваат понекогаш со физички напади.
Да не зборуваме за говорот на омраза и заканите по живот и објавување на слики и профили од популарни групи во социјалните мрежи каде што индиректно,а и директно се повикува на насилство кон истите лица. Тие од ОМО за нивна среќа го немаат последниот проблем. Се сомневам дека некој на нивна возраст е на социјалните мрежи или има било каква компјутерска писменост.

Сума сумарум нема место за споредба меѓу македонскиот и бугарскиот Устав и тоа им е добро познато на сите инволвирани во театарската представа. РС Македонија треба многу добро да размисли дали ќе продолжи со терањето инает, оти бугарската позиција станува се поразбирлива за модерните западни демократии. Има реални проблеми што треба да бидат решени од Скопје и тука ниту неуспешниот кандидат за градоначалник на Благоевград Атанас Кирјаков, ниту адвокатот на ОМО-вци Тони Менкиноски можат да помогнат со друго, освен со празни муабети за тоа како Бугарија само што не ја снашло потоп.

Претходна статија

Бугарското МНР со позиција за уништените бугарски воени гробишта кај кавадаречко

Следна статија

Радев: Почитувањето на правата на Бугарите во РС Македонија е увертирата за ЕУ

Најново од Истакнато