Ајде доста со таа Северна Македонија!
Пишува: Веселин Желев/ Клуб Z
Не можам да разберам зошто Северна Македонија постојано се посочува како судбоносна тема за идната влада во Бугарија и зазема толку важно место во преговорите за составување на истата.
Затоа што е РС Македонија е наша соседна земја? И што од тоа? Ќе ни ги запрат водата, струјата или гасот? Или ќе ни пуштат болви?
Затоа што е суперсила? Ќе не нападне, анексира, изолира, санкционира?
Затоа што ни е блиска до срцата? Ставете си ја раката на срцето и кажете, но искрено: Дали ви е гајле за северномакедонците? Нашите деца не прават разлика меѓу Стамболијски и Стамболов. Дали верувате дека Македонија им значи нешто?
Затоа што може да ги искара партнерите во идната бугарска коалиција? Можеби, ако дозволат. Ако решат да го остават северномакедонското прашање за после нивниот мандат, никој во Бугарија нема да им се лути. Имаме многу поитни прашања за решавање.
Затоа што со својот став против почеток на пристапните преговори меѓу ЕУ и Северна Македонија, Бугарија запаѓа во се поопасна изолација, вели професор на важна радио станица и бидејќи е професор, никој не му се спротивставува.
Со сета почит кон титулата, но морам да кажам дека нејзиниот носител зборува глупости.
27 години Грција сама не дозволуваше она што сега се нарекува Северна Македонија да влезне во ЕУ и НАТО, и тогаш сите велеа дека не ја разбираат позицијата на Атина. Дали Грција беше опасно изолирана барем на еден ден? Ништо слично – ЕУ постојано беше на нејзина страна во кавгите со Турција, ѝ ги опрости долговите, и ѝ помогна да излезе од кризата.
Холандија сама го суспендира приемот на Бугарија и Романија во Шенген. Дали забележавте дека Холандија е изолирана? Напротив, ниту една важна одлука во Европската унија не се носи без неа- особено гигантски план на ЕУ за закрепнување.
Белгија сама, во суштина белгиска провинција со население од 3,5 милиони луѓе, наречена Валонија, речиси ја спречи СЕТА, договорот за слободна трговија меѓу ЕУ и Канада пред пет години. Се сеќава ли некој на изолирана Белгија?
Сите во ЕУ сакаат да се затвори седиштето на Европскиот парламент во Стразбур и тој да остане со едно седиште во Брисел. Месечните преместувања на 705 европратеници и исто толку персонал меѓу Белгија и Франција го чинат европскиот даночен обврзник повеќе од 200 милиони евра годишно. Сите сакаат да се заштедат тие пари. Освен Франција. Ова преместување храни огромен хотелски и ресторански сектор на западниот брег на Рајна, им носи приходи на железничките оператори и автопатиштата, а Париз не дава да се изусти ниту збор за затворање на седиштето на Парламентот во Стразбур. Во договорите пишува. Ако сакате да го затворите, сменете го. За тоа е потребна општа согласност, т.е. без гласот на Франција тоа не може да се случи. Дали забележавте Франција да е изолирана во Европа?
Во изолација од реалноста се оние кои не плашат со изолацијата на Бугарија. Тие измислуваат непостоечки драми и опасности од три многу очигледни причини:
(а) да се оттргне бугарското внимание од отворените прашања на нашата надворешна политика, како што се: Чиј е Крим? И дали треба да го прифатиме готовиот факт дека денес над него се вее руско знаме? (како што не советуваше професор од ист вид во саботата на важна радио станица).
(б) да си даваат важност на политичари, дипломати и познавачи какви што не се;
(в) да се поттикне претпристапниот провинцијализам на Бугарија, меѓу кој може да поминат и нивните лаги и безобразности. Да сугерираме дека ЕУ не е наша унија, туку непријателска средина во која насекаде демнат опасности – како што е и изолацијата.
Не плашете се, браќа и сестри. ЕУ е нашата унија. Европа е подобар пријател на Бугаринот од многу негови политичари. Ние сме земја-членка, Северна Македонија е земја кандидат. Таа аплицира за влез во ЕУ. Тој не се пријавил да и се придружи. Преговорите ќе започнат кога ќе се согласат сите земји-членки. Односно кога Бугарија се согласи. Нема други правила, барем засега. Бугарскиот глас во ЕУ не чини помалку од грчкиот, холандскиот, белгискиот и францускиот.
Како што Бугарија го промени уставот за да влезе во ЕУ, така и Северна Македонија може да го промени својот за да не останат отворени никакви билатерални прашања и да се гарантира нашиот национален интерес.
Како што досега живеевме без железничка пруга до Скопје, ќе живееме додека треба, додека не им дојде памет во главите. Како што тргувавме без гигантскиот и баснословно богат северномакедонски пазар од два милиони потрошувачи, така и ќе продолжиме да тргуваме. Ние можеме без нив, тие не можат без нас ако сакаат да влезат во ЕУ. Точка.
Но, нашите евроатлантски партнери не не разбраа. Ова не е целосно наш проблем, ако воопшто е проблем. И ние понекогаш не ги разбираме – како, на пример еднаш се солидарни со Украина, а бараат Северен ток-2? Како го осудуваат кршењето на човековите права во Турција, а продолжуваат да преговараат со неа? Како тие го осудуваат убивањето на цивили во Јемен и во исто време ѝ продаваат оружје на Саудиска Арабија за да го бомбардира Јемен?
Што им е помило на нашите партнери – гласот на Бугарија во ЕУ или гласот на Северна Македонија надвор од неа?
И еден едноставен факт што тоне во нашиот налет на балканска вознемиреност: т.н „Притисокот“ врз Бугарија се развива во услови на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ, т.е. на поранешна југословенска република, која природно е солидарна со друга поранешна југословенска република како што е Северна Македонија. На 1 јануари 2022 година започнува претседавањето на Франција со ЕУ , која е далеку поконзервативна не само кон северномакедонската кандидатура, туку и кон проширувањето на ЕУ воопшто. На Франција ѝ ги должиме новите правила според кои ќе се одвива овој процес и кои овозможуваат тој да биде запрен или вратен на почетната точка доколку земјата кандидат не се однесува конструктивно.
Ако денес се наведнеме и не издржиме како Грците, Холанѓаните и Белгијците, ќе направиме преседан за една земја кандидат да ги извитка рацете на земја-членка. Ако ги пуштиме под креветот, такви какви што се денес, размислете што ќе не чека откако ќе се качат на креветот.
Инаку, се согласувам дека во национален интерес на Бугарија е целиот Западен Балкан да влезе во ЕУ и ова го кажав сосема искрено додека бев портпарол на првото бугарско претседавање со Советот на ЕУ. Но, секогаш да велиме до крај: придружете се кога ќе бидат подготвени. Северномакедонците уште не се подготвени. Ова е нивен проблем, а не наш.