|

Ако сте Бугарин во РС Македонија сите ќе ви го дознаат матичниот број, а освен тоа и каде живеат вашите родители

Пишува: Ефтим Симеонов

Пред малку повеќе од месец дена на нашиот омилен ТВ канал – Алфа, се појави прилог со наслов: Мрсески: Јас сум Бугарин од Македонија, а како прилепчанец, Здружението на Бугарите „Југ“ го регистрирав во Прилеп“. „Генијалниот“ прилог можете да го видите на следниот линк. Замислете, вест на национална телевизија било дека имало Бугарин во Прилеп и си регистрирал здружение со едно типично фашистичко име – Југ. Мислам дека градот Прилеп може слободно 24 декември денот на објавата на веста на „љубимата“ ни телевизија Алфа да го празнува како бугаројавление. 

Да ја оставиме шегата на страна, но овој прилог е точно показател низ што минуваат и каков е односот кон Бугарите во РСМ. Некој е Бугарин во Македонија и тоа очигледно е повод за прилог на национална телевизија. Повод да се тормози човекот, да се бараат изјави од него, за на крајот прилогот да заврши  со јавна објава на адресата на здружението и напомена дека таму живеат неговите родители. Интересен податок. Која беше целта на тоа, Алфа ТВ? Да се знае каде можат да му чукнат на врата на Зоран и тој да заврши како Христијан Пендиков?

Дали сте виделе некаде вест дека некој бил Србин од Куманово или Скопје или било кое друго место во Македонија? Не и нема да видите, ниту пак адресата на неговите родители јавно ќе биде објавена на телевизија. 

Да не зборуваме пак какви се реакциите во коментарите на објавата по социјалните мрежи. Толку гадости, злоба и навреди само затоа што Зоран се чуствувал како Бугарин. И токму тоа е тоа што Бугарите во Македонија редовно го доживуваат. Јавно срамотење, навреди и социјална изолација. Сите други Бугари во Македонија кои до сега не се срамат јавно да кажат дека се чувствуваат како Бугари се подложени на објавување на нивните профили, броеви, адреси и лични податоци по социјалните мрежи каде што се предмет на напади и оцрнување. Токму поради тоа повеќето и го кријат своето бугарско чувство.

Некои ќе речат дека тоа биле провокатори кои биле членови на „фашистички клубови“, но голем дел од тие кои се споделуваат воопшто не се членови на никакви здруженија. Покрај Зоран кој ни крив ни должен го влечкаат по медиумите, што точно згрешија припадниците на здружението „Шемето“ од Струшко? Единствените претставници на македонските Бугари кои успеаа да остават цвеќе на гробот на Гоце Делчев дента после тоа доживеаа нивните имиња и лични податоци како адреса и матичен број да бидат јавно објавени. И тоа објавени преку документите за регистрација на здружението што во нормална земја би било основ службите да се позафатат со тој случај.  Кој е нивниот грев? Ттоа што биле на гробот на Гоце или го крстиле клубот по маалото во кое бил роден Јане Сандански? Капак на се тоа е тврдењето кое излезе  заедно си нивните податоци по сите портали во нашата земја, а тоа е дека тоа биле Албанци што за пари и пасоши се пишувале Бугари. Ајде што такво нешто да напише некој новинар е во целост под ниво и непрофесионално, но дали некој од нив има барем малку срам така да исмева и оцрнува луѓе? И повторно како случајот со Зоран од Прилеп целта на тие објави е исклучиво да се оцрнат Бугарите во Македонија и да се претстават како шака платеници, поткупливи ликови со низок морал и со објавување на нивните податоци да се создаде кај нив вознемиреност и чувство на несигурност. 

Ако тие луѓе треба да почнат да одат со очи позади тилот и да читаат секакви гадости за себе, како ли им е само на тие што се малку погласни или не дај Боже дел од клубовите со „контроверзни имиња“? Не мораме воопшто да замислуваме, тоа добро можеме да го видиме на случајот со нападот на секретарот на бугарскиот клуб во Охрид.  

На страна тешките повреди кои ги претрпе и од кои уште со месеци ќе се опоравува и физички и психички, уште поголеми се повредите кои беа нанесени на на неговата углед и чест. Уште од првиот ден после нападот сите медиуми во Македонија, без исклучок, почнаа да дефокусираат од инцидентот и од самиот напад и да започнат нешто што наликуваше на координирана кампања за оцрнување на личноста на Пендиков. Така Христијан во македонските медиуми стана нарко дилер и го нарекуваа „Ескобар Јуниор“ што менувал изјави за после да стане само обичен наркоман што должел пари и бил тепан поради тоа. Покрај тоа тука беа редени уште ред други наводни причини зошто бил нападнат и прикриено беше оправдуван нападот како нешто што си заслужил самиот. Да ги читаше некој македонските медиуми од „сериозните“ до жолтиот печат скоро ќе испаднеше дека Христијан сам се сопнал за време на нарко зделка што тргнала наопаку и арно било што му се случило тоа. 


Што е најтрагично во ширењето на таквите гласини кои медиумите без исклучок ги објавуаа како апсолутна вистина, учествуваа и цела редица политичари и функционери. Е сега замислете си како е да си Бугарин во Македонија кога некој може да ве претепа скоро до смрт, да не добиете соодветна нега и целата државна машинерија од безбедностните служби до печатот да се обидат да ве оцрнат и да шират лаги и гласини за вас како апсолутни вистини? Наместо да имаме фокус кон напаѓачите, кои се, од каде тоа тие гаат таква омраза, дали нападот бил нарачан и како да спречиме идни такви напади добивме исклучиво тн. „Victim blaming“  – обвинување на жртвата.
А за да не бидат остамени тие напади се погрижија секако и „добрите Бугари“ кои ја спореа неговата бугарска свест со објавување на слики и видеа кои секретарот на клубот „Цар Борис III“ ги правел додека бил на 15-16 годишна возраст. Во својата задача на „спасување на војникот владата на СДСМ“ нивната уште побизарана верзија на настанот е дека руските агенти од двете страни и ДПМНЕ преку нивен член исценирале напад во кој што настрадал некој си професионален Бугарин и дека всушност Софија била виновна за тој режиран настан. Во таа верзија на настаните македонските власти и општеството се без било каква вина . Бугарите по инструкции од Москва се за се виновни.

Можам само да замислам како му е на Христијан и на неговото семејство читајќи ги сите тие глупости. Во целата ситуација среќа е само што имаше таква силна и одлучна реакција од страна на Бугарија и на бугарското општество кои не наседнаа на ефтните фори на тукашните тарикати. Не знам какво долгорочно решение е момчето да заврши во Софија на начинот на кој што заврши и какви се неговите догорочни перспективи после се, но не можам да замислам низ каков хорор ќе мораше да минат Христијан и неговото семејство ако останеа во Охрид или Скопје. 

И тука не е крајот на оцрнувањето на и на медиумските напади врз момчето. Сега најжешката приказна е дека тој добил стан во Софија. Небаре му поклониле стан за маките. Бесрамниците Срѓан Ивановиќ и Љубиша Николовски од Слободен Печат отидоа до таму да се исмеваат дека Бугарин било „профитабилна професија“ бидејќи ќе изедеш малку ќотек и оп ќе добиеш станче, пари и обезбедување во Софија. Многу духовито морам да признаам и пред се професионално од страна на „сериозните новинари“ кои кога станува збор за Бугарите немаат никаква етичка дилема со тоа да објавуваат гласини како вистини. Бидејќи ако си ја завршеа својата новинарска работа тие ќе дознаеа дека тој не добил нешто што било кој друг човек во слична ситуација не би добил – државен стан на користење додека трае неговото вонболнично лекување и обезбедување поради мноштвото закани по неговиот живот. Кога би бил злобен би рекол дека никогаш вистината и фактите не ги спречиле македонистите во тоа да си пласираат некоја своја приказна. 

И тоа е дами и господа начинот на кој што функционира пропагандата против Бугарите во Македонија. Со исклучок на неколку инциденти, Бугарите не мора премногу да стравуваат за својата физичка безбедност (иако во последно време и тоа се промени). Арно ама можат да сметаат на социјална ексклузија и постојано оцрнување. Можеби нема да ви го земат животот дека сте Бугарин, но сигурно ќе ви ја убијат репутацијата поради тоа. Ќе  направат од вас отпадник, предавник, педофил, наркоман, дилер, платеник, шпиун итн. и никој нема да сноси последици за тоа. Ако не дај Боже, пак се обидете да побарате заштита од институциите во најдобар случај ќе бидете игнорирани, а во најлошиот за вас ќе важи „кадија те тужи, кадија ти суди“ . И така тоа трае веќе повеќе од цел еден век. Некогаш понасилно, некогаш помирно, но секогаш сме можеле да се осигураме дека ќе бидеме напаѓани и дека сите најдолни епитети ќе бидат резервирани за нас. Ама и на тоа ќе му дојде крајот. Ние ќе истраеме и ќе се оствари желбата на едно тепано заради својата бугарштина момче да дојде ден кога ќе можеме да кажеме дека сме Бугари од Македонија и ништо да не се случи. 



Слични Објави