Албанското Голо Брдо- образовани, работливи, горди и по малку агресивни…
Пишува: Владимир Перев
Само на десетина километри од Дебар кон Тирана, се одвојува патот кон Голо Брдо. Патот до острени е долг 13 километри и е макадамски, во релативно поднослива состојба, уредуван, но често и девастиран од проливните дождови кои овде се секојдневие. За патот има проект, политиката ветила дека ќе се направи, но за ветувањата од политичарите сите ние, барем овој пат, имаме единствено мнение-нивните ветувања не се во корелација со нивните вистински дејствија.

Целото Голо брдо има 25 села, поделени во две општини, Либраж и Булчиза, Големо Острени, каде што сум, се брои во поголемите места и припаѓа на општина Булчиза.
Се сретнувам со Рази Рама, човекот кој бил дванаесет години кмет на општина Големо Острени и оставил неизбришливи траги за својот период. Има завршено природо-математички факултет, специјано хемија, на универзитетот во Скадар-Шкодра. Целото Голо Брдо денес има 5500-6000 души кои стално живеат овде, а некогаш биле дури и 15 илјади, ми вели резигнирано. Заминати се за Елбасан, каде ги има најмногу, потоа во Тирана, Дурус, Драч и на други места. Во Големо Острени има околу 1200 души, косат трева и гледаат по некоја крава. Имаат струја, телефонија и интернет, ама сето тоа ништо не значи, овде нема младина. Сите си заминаа, ми вели разочарано…ја напуштија оваа убавина, ама сиромаштијата бара свој опстанок.
Населението е речи си целосно муслиманско, но останале топонимите и меморијата за христијанското минато.

Местото каде што седиме на кафе, кафеаната која се наоѓа срдсело, се наоѓа на месноста наречена Цорков (Црква), а кога се уредувала малата плоштадка, биле раскопани стари коски, за кои се мисли дека биле христијански, па затоа и така се вика месноста. Тоа е во доменот на легендите, но има и вистинска современа историја. Имено, соседното село Заборѓе (веројатно Задбрдо), кое навистина се наоѓа зад едно брдо, до Првата светска војна живееле само христијани. Истовремено во Големо Острени имало некој богат трговец кој тргувал со Бугарија и Грција, во периодот околу 1909-10 година и во Заборѓе мислел да отвори работа, каде би работеле секаните-христијани, познати по својата работливост и умешност. На некој од нашите, вели Рази Рама, муслимански насилници од Големо Острени, не му се допаднала идејата “каурите“ да работат и да имаат повеќе од муслиманите, па им се нафрлил на своите блиски соседи, со некои бил и во роднински односи, за да ги изгони од местото. Селото Заборѓе се иселило во Бугарија некаде пред Првата светска војна, а последните сознанија велат дека се населиле во околината на Перник. Некои од Голо Брдо и сега имаат контакти со “своите“ во Перник.
Односите со буагрите ни се одлични, вели Рама. Додека бев кмет на Острени се збратимивме со општина Мездра и сега одржуваме контакти. Сакавме да имаме односи со наши луѓе. Тоа е затоа што ние знаеме уште од мали, дека овде некогаш, околу 11-12 век била Бугарија и ние овде се чувствуваме бугари. Мојата мајка не знаеше да каже македонски, таа се чувствуваше бугарка и јазикот секогаш, буквално секогаш го нарекуваше “булгарски“. Така беше со сите наши мајки и татковци, сите наши претци.
Со македонците имаме нормални односи, вели Рама, но во овој период никој не дошол од Македонија, за да разговараме. Нормално е тие да немаат интерс за нас, ние сме бугари и тоа е јасна работа. Иначе, најблиското место до нас е Дебар, таму одиме, таму имаме пријатели. Но таму некои од нив не сакаат да зборуваме по “бугарцко“, сакаат да говориме албански. Ние албански учиме да говориме само кога тргнеме на училиште. До седум години, зборуваме дома и надвор, само на “бугарцко“
Члирим Толја, е сопственик на кафеана во Големо Острени. Има завршено гимназија во Големо Острени. Се чувствува бугарин. Ги имам контактите со Бугарија, вели, уште од првите дни по 1990 година. Мојот дом овде е база на бугарите. Женет е , има четири деца. Трите деца ми се со факултет, веки, а најмалото е девети клас. Едната ќерка работи во министерството за образованието, другата е учителка по историја и географија во општинскиот град, третата е на факултет, трета година медицина на универзитетот во Елбасан. Од албанските власти не сме виделе мака, ниту за јазикот ниту политички проблеми. Од бугарската амбасада, задниве години честио доаѓаат, се запознавме и добро функционираме. Целата моја фамилија има бугарски пасоши, вели, многумина имаат, но уште повеќе чекаат. Бугарите го опремија компјутерскиот кабинет во училиштето, поставија и климна уреди, а за празниците ги поимаагаат децата. Секоја Нова година даваат подароци за децата за да се образуваат и спортуваат. Ставија и лед лампи на улиците кои немаа осветлување. Младите не сакаат да седат ниту овде, ниту во Албанија, ниту во Македонија. Сакаат да си заминат. Треба да се направи патот и да се кренат платите, за да може некој да се врати. Бараме повеќе помош, не само од Бугарија, бараме и меѓународна помош за да опстанат овие населени места, барем и со помал број жители. Да се олесни системот на давање пасоши, да се сменат прописите.

Иќмет Муча, има само гиманзија, работел 45 години на поштата. Таму сега работат двајца, а во мое време бевме 12 души, вели Иќмет. Цел живот бил во Големо Острени. Пензијата едвам му стасува и покрај тоа што живее овде. Има еден син и пет ќерки. Синот има бугарски пасош, а и Иќмет и жена му поддале документи. Синот работи во Данска, градежништво на патиштата. Сите пет ќерки се мажени, две овде, две во Тирана, една во Атина, пак со овдешен човек од Голо Брдо. Болката е да се направи големиот пат, вели, потоа ќе се зацврснат врските со сите, па и со Бугарија и на сите ќе ни биде по добро…така се надеваме.


Навистина Бугарија има доделено компјутерски кабинет со клима уреди, ама тоа е по бугарски проект, по програмата на европските фондови за малите општини, реализиран слично како градинката во Кукс. Истовремено, една Албанска невладина организација има аплицирано преку амбасадата во Тирана, во Бугарија, за изградба на нова фискултурна сала во село Требиште, Голо Брдо. Салата треба да биде мултифункционална, проектот е одобрен уште пред две години, средствата се 150 илјади евра, но сега заради новите цени сѐ е запрено, сѐ е поскапено, па проекто финансиски ќе се реструктуира, но секако ќе биде реализиран.
За себе со гордост велат дека се бугари и дека јазикот им е бугарски. не се плашат од никого и тврдат дека имаат одлични разбирања со властите во Албанија и управата во Тирана. Само еднаш имало еден мал инцидент, по повод изјавата на Таулан Бала, претседател на парламентарната група на албанската социјалиастичка партија, и политички раководител на партијата за област Фиер, а пред тоа за Елбасан. Кога Демократската партија на Албанија, го поднесла предлогот за формирање и реконструкција на општините, предлогот за Голо Брдо бил, тоа да биде една самостојателна општина. Тогаш, Таулан Бала на подносителите на предлогот, им кажал “дали това предложение е направено како влијание врз нив од страна на бугарската агентура. Поточно да не случајно предлагачите се бугарска агентура?“.
Нормално е дека бевме навредени, велат селаните. Тој треба да објасни, дали ако сакаме да бидеме сите од Голо Брдо заедно, а ако се знае дека сите овде се чувствуваме бугари, дали тоа подразбира и некаква агентура, дали ако сакаш да си свој на своето, некој треба да те крштава како агент.
И покрај сето тоа, во селската крчма седат насмеани и расположени. Сакавме да го прашаме, ми велат, дали затоа што тој Бала студирапше во Романија, по ваквите изјави треба да го наречеме “агент на романските служби“? Сепак, премолчавме, но абер му испративме…да си знае!
Ме испраќаат со кренати глави и насмевки во очите. немај гајле, ми велат, само патот да се направи, па ќе видиш, автобуси овде ќе доаѓаат, ќе се прават викендици, може малку и ние да се опоравиме…
Си заминувам. Повторно почнува да врне. Каменестиот на места разлокан пат, ме потсетува на сите неисполнети ветувања на нашите политичари…сите се исти, и овде во Албанија, и кај нас, а бога ми и во Бугарија.
Бугарија и патот се соништата на луѓето од Голо Брдо…горди и исправени ја чекаат иднината. Не треба да дозволиме будењето да им биде кошмарот на нашата реалност.