АЛБИН КУРТИ Е НОВИОТ ПРЕМИЕР НА КОСОВО
Собранието на Косово го изгласа со мнозинство гласови лидерот на Движењето Самоопределување Албин Курти за нов премиер и го усвои неговиот предлог за состав на новата Влада на Косово.
Предлогот на Курти беше усвоен со 66 гласа „за“, десет „воздржани“ и без ниеден глас „против“ во 120-членото Собрание на Косово. Гласањето беше бојкотирано од пратениците на опозициските партии на Албанците, Демократската партија на Косово, Алијансата за иднината на Косово и Социјалдемократската иницијатива, а воздржани беа десетте пратеници на најголемата партија на косовските Срби, Српската листа (СЛ).
Идниот кабинет на Курти ќе има 15 министерства и двајца вицепремиери. Меѓу министрите во редуцираната Влада на Курти се наоѓа и Блерим Река, кандидат за претседател на минатите претседателски избори, кој ќе биде министер за европски интеграции.