АЛСАТ: SEVERNA MAKEDONIJA ERGA OMNES
Алсат М дојде до договорот што се очекува да биде потпишан во Преспа до крајот на неделава. Таму името на нашата земја е наведено како Severna Makedonija за внатрешна и надворешна употреба. Меѓу другото договорот, ги содржи следниве главни точки:
– Референцата „да се заштитуваат македонските малцинства“, се отстранува од Уставот на соседната земја, а делот за истородноста се услогласува аналогно со грчкиот устав.
– Периодот на транзиција се определува со измени на внатрешните документи на соседната земја и тој сложен процес ќе се поврзе со отворање на пристапните преговори со Северна Македонија.
– Ќе се формира комисија којашто ќе ја испитува употребата на трговските термини во двете земји.
– Македонскиот јазик е признаен, со забелешка дека Северна Македонија признава во договорот дека тој јазик има словенско потекло (како што е наведено во рамката на ООН).
– Во делот на националноста, терминот Македонец / граѓанин на Република Северна Македонија се применува со задолжителна напомена дека луѓето од оваа земја немаат врска со античката грчка култура
Следните чекори, пак ги објави Дојче веле.
Во грчкиот печат се наведуваат и следните чекори кои треба да уследат откако ќе се постигне начелниот договор меѓу Заев и Ципрас. Па така, најпрво договорот ќе треба да се ратификува во македонскиот парламент. Доколку претседателот Иванов одбие да го потпише, како што се очекува, веднаш треба да уследи и второто гласање.
– Грчката влада со писмо ќе ги информира ЕУ и НАТО дека охрабрува почеток на преговори со ЕУ и добивање покана за членство во Алијансата, откако ќе се извршат уставни промени.
– Советот на министри за надворешни работи на ЕУ и подоцна на Самитот на ЕУ Грција ќе бара да и биде даден позитивен сигнал на Македонија, и покрај противењето на Франција и Холандија, но со поддршка на Германија.
– На НАТО самитот на 11 јули во Брисел Република Северна Македонија ќе добие покана за членство во НАТО која ќе зависи од уставната ревизија.
– Македонскиот премиер Заев со писмо ќе ги информира 190 земји членки на ОН дека земјата во иднина ќе го користи името Република Северна Македонија во билатералните односи и во меѓународните форуми.
Ципрас вечерва треба да го информира претседателот Прокопулос за постигнатиот договор
Во периодот од јули до октомври македонската влада треба да организира референдум и доколку резултатот е позитивен, ќе се продолжи со уставна ревизија. Доколку резултатот е негативен, планот „Б“ е да се свикаат предвремени парламентарни избори кои во истовреме ќе бидат и своевиден референдум за името.
Откако Скопје ќе го комплетира целиот процес, договорот ќе треба да биде ратификуван од грчкиот парламент, а во истовреме ќе се изврши и ратификацијата за членството на земјата во НАТО.
Дополнително, според грчки извори, очекуваниот втор телефонски разговор меѓу македонскиот и грчкиот премиер Зоран Заев и Алексис Ципрас веројатно ќе се случи подоцна попладнево, бидејќи се очекува во него да се вклучи и медијаторот Метју Нимиц. По разговорот со Заев и Нимиц, Ципрас ќе ги информира лидерите на политичките партии во земјата и претседателот Прокопис Павлопулос. Веднаш потоа, Ципрас ќе објави проглас за договорот кој ќе го потпишат со Заев во Преспа, најверојатно во текот на претстојниот викенд.
Извор: Вечер

