„Америка ќе помага само ако се зачува демократијата“, вели државниот секретар на САД по државниот удар во Нигер
Американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави дека помошта за Нигер ќе продолжи само ако се зачува демократијата, соопшти Стејт департментот.
„Силното економско и безбедносно партнерство меѓу САД и Нигер зависи од зачувувањето на демократијата и почитувањето на владеењето на правото и човековите права“, рече Блинкен во телефонскиот разговор со претседателот на Нигер, Мохамед Базум, кој беше приведен од членовите на претседателската гарда.
„Вашингтон го осудува обидот за насилно преземање на власта и уривање на уставниот поредок“, додаде американскиот државен секретар.
Повикот беше упатен во средата вечерта, пред армијата да ги укине сите институции и прогласи крај на сегашниот режим.
Мохамед Базум, кој беше демократски избран во април 2021 година, од средата наутро е задржан од членовите на претседателската гарда, по неуспешни преговори.
Нигер, чија историја е обележана со државни удари, е еден од последните сојузници на западните земји во регионот.