АНТИАЛБАНСТВО СО СРПСКИ СВЕТОГЛЕД

//

-Македонците мора да разберат дека тие имат друго историско искуство со Албанците од она што го имат Србите, затоа тие еднаш засекогаш треба да го отфрлат српското гледиште за Албанците, и Албанците да ги прифатат како сопатници во управувањето и напредувањето на нивната заедничка држава!

Риљинд Даути

Во скопски Дервен се раскажува една народна басна за волк кој на пазарен ден од село оди во град, поточно во чаршија. Бидејќи бил пазарен ден во градот излегле и голем број на селани. Штом го здогледале волкот, селаните потрчале по волкот за да го претепаат како одмазда за бељите што им ги направил. Кога ковачот ги видел да трчаат по волкот, и тој потрчал со чекан в рака за да го тепа. Волкот вчудовиден се свртел кон ковачот и му рекол: „Разбирам зошто ме напаѓаат селаните: на некој од нив сум им заклал некоја овца, на некој сум му ја заклал кравата, но тебе бре ковачу, да не сум ти изел кула или чекан што трчаш по мене?!“
Во контекстот на оваа басна често се наоѓат себеси и голем број Македонци, кои во српско-албанскиот конфликт за Косово, им се лутат на Албанците слично како Србите, и силно навиваат Србија да триумфира над Албанците!


Такво нешто во последно време се забележа со случајот на борецот на Ослободителната Војска на Косово Томор Морина, кого го уапси полицијата на Северна Македонија по потерница издадена од Србија. После полни 21 дена притвор, Судот не дозволи негова екстрадиција во Србија. Но, иако тој се борел само против Србија и немаше никаква врска со Македонија, Македонците на фејсбук се налутија на неговата неекстрадиција како Томор Морина да бил најголемиот непријател на македонскиот народ!


Овој пристап на голем број Македонци на безусловно држење страна на Србија и не е толку изненадувачки.За Албанците од Косово голем број на Македонцитеи македонските медиуми зборуваат со иста реторика како Србите: „терористите на ОВК“, „воените злосторници на ОВК“, „трговија со органи“, „жолтата куќа“, „Албанија и Косово сакат да се обединат и да створат Голема Албанија“, а интервенцијата на НАТО против СР Југославија ја нарекуваат „агресија“.

Српски пристап, поглед и предрасуди, Македонците имаат и за Албанците од Македонија. На пример, српската теорија „Албанци живеат во Албанија, вие тука во Југославија сте Шиптари“ ја присвоија и Македонците. А за време на Југославија, НР и СР Македонија мора да се признае дека ги имаше некои позитивни аспекти, нпр. никогаш немало Републичка влада без секретари (министри) Албанци, но во многу нешта Македонија воопшто не се разликуваше од НР и СР Србија. Исто како Србија, и Македонија работеше на протерување на Албанците во Турција; исто како Србија, и Македонија ги судешеАлбанците во политички мотивирани судски процеси; исто како Србија, против „албанскиот национализам и сепаратизам“ кој се однесуваше на Косово, се бореше и Македонија. А со некои „креативни“ антиалбански мерки Македонија дури предничеше предСрбија, нпр.: рушење на „високите“ ѕидови и огради на дворовите, насилно мешање на паралелките со што ќе се запреше наставата на албански јазик, ограничување на бројот на раѓање деца, или забрана за да ги именуваат децата со албански имиња како „Илир“, „Дардан“ или „Арсим“под претекст дека биле националистички.


И после независноста на Македонија продолжи антиалбанскиот пристап, кога на новите барања на Албанците за повеќе права, им се одговараше освен со полициска бруталност, и со една теорија преземена готова од Србија, која Србите ја користат како аргумент против независноста на Косово, а Македонците како аргумент против унапредување на правата на Албанците во Македонија. Станува збор за аргументот: „вие Албанците не сте автохтони на ова земја, вам тука ве имаат донесено Османлиите од Албанија“!



Дури и да има нешто вистинито во оваа теорија, ова теорија доста доцна почнало да се користи како аргумент против правата на Албанците во Македонија, и претставува српски „увоз“. Само за споредба: историското ВМРО никогаш не го проблематизирале тоа дека Албанците дошле од Албанија за време на османската власт. Всушност, и последниот водач на ВМРО, Ванчо Михајлов, вели дека најголем дел од Албанците во Македонија дошле од Албанија за време на османската власт, но за Ванчо Михајлов ова не претставува пречка за во Македонија замислена од него како „Швајцарија на Балканот“, Албанците да бидат еден од 5-те конституивни народи, а албанскиот како еден од 5-те официјални јазици на Македонија! А кога сме кај историското ВМРО, за време на српската власт во Македонија (1912-1941) таа често ги напаѓаше цивилните српски колонисти, но никогаш не ги напаѓаше Албанците, со кои ВМРО има и историја на соработка!


Од други српски влијанија може да се спомнат и некои псеудонаучни теории превземени од српски псеудоисторичари за тоа дека Албанците, всушност, не се автохтони ниту во Албанија, туку Османлиите ги донеле од Кавкаска Албанија! Дали е тоа вистинито или не, важно Албанците да не се потомци на Илирите. Ова е многу важно за Србите бидејќи негирањето на илирското потекло на Албанците им овозможува да го оправдат „историското право“ врз Косово, но какво фајде ова им носи на Македонците?!
Антиалбанското српско влијание се забележува и кај македонските медиуми. Освен споменатите примери на почетокот на овој текст, вреди да се спомене и тоа дека кога Косово прави нешто што ја налутува Србија, како што се акциите на косовската полиција на северот на Косово, некои македонски медиуми на веста му го дават истиот антиалбански и просрпскиконтекст како српските медиуми! И во една емисија која е доста популарна кај македонските гледачи, „Во Центар со Васко Ефтов“, скоро и да нема епизода без некој српски гостин! Дејан Лучиќ, Мирослав Лазански, Миломир Мариќ, Војислав Шешељ, Југослав Петрушиќ, и многу други српски „експерти“ со кои Васко Ефтов ужива да зборува за „опасноста“ од Албанците, „злобните планови“ на Америка, и други теории на заговор! Србоманското антиалбанство на овој „новинар“ отиде до таму што му даде платформа на српски офицер да раскаже дека албанскиот херој Адем Јашари се облекол како жена во обид да избега од акцијата во која е убиено целото негово семејство! А на 20 годишнината на масакрот во Речак на срските сили врз цивилни Албанци, тој објавува емисија за наводните злосторства на ОВК! Преку честите гостувања на такви српски „експерти“, на обичниот Македонец константно му се храни мозокот со српско гледиште не само за Албанците, туку и за Америка, НАТО, Русија, итн.


Несомнено дека некои културолошки блискости влијаат врз блискоста кон некој народ, така и меѓу македонскиот и српскиот, кои делат јазик од иста група словенски јазици и религија, како и заедништвото во бившата СФРЈ. Но, суштинското често не се гледа, дека додека од албанскиот народ досега немало никакви спорења, напротив, од соседните му народи, само Албанците беа најкоректни кон деликатните идентитетски прашања на Македонците, од Србија имаме сериозен повеќедецениски црковен спор, кој може многу лесно да се надмине ако Српската православна црква би имало волја, која не сека да ја искаже! А се знае дека кај мнозинско православните народи како македонскиот, црквата е едно од битните идентитетски обележја.


Како заклучок, ќе кажам дека и после скоро 3 децении од независноста, во Северна Македонија се уште се чувствува влијанието на Белград за Албанците. Но Македонците мора да разберат дека тие имат друго историско искуство со Албанците од она што го имат Србите, затоа тие еднаш засекогаш треба да го отфрлат српското гледиште за Албанците, и Албанците да ги прифатат како сопатници во управувањето и напредувањето на нивната заедничка држава!

(Авторот е дипломиран политиколог и магистрант по дипломатија )

Претходна статија

ГДУ-ШТИП СО УЛТИМАТУМ ПОРАДИ ОПАСНОСТА ОД ЗАГРОЗУВАЊЕТО НА ЗДРАВЈЕТО НА ДЕЧИЊАТА

Следна статија

ГАЗДА НЕФИ ГИ ПОВИКА ОХРИЃАНИ НА ПРОТЕСТ ЗА ДА МУ ГИ ОДБРАНАТ ДИВОГРАДБИТЕ

Најново од Истакнато

Потрага по идентитетот

Facebook статус на Никица Корубин Три достапни документи: Преговарачката рамка на 25 страници, Заклучоците на Советот

Ковачев: На местото на спомениците на окупаторската Црвена армија во Софија и во Пловдив да се постават споменици на Левски, Ботев, Гоце Делчев, Тодор Александров и Ванчо Михајлов

Бугарскиот европратеник од редовите на ГЕРБ-СДС Андреј Ковачев, даде интересна идеја за тоа што треба да