| |

АПЕЛАЦИЈА ЈА УКИНА ЗАБРАНАТА ЗА ПРОДАЖБА НА КНИГАТА НА АНДОВ

Книгата со наслов „Атентатот и по него“, чиј автор е Стојан Андов, ќе може слободно да се продава. Апелацискиот суд Скопје ја укина забраната за продажба на книгата, со што се поништува одлуката на Основниот суд Скопје 2, кој на 21 март годинава донесе одлука за времена мерка – забрана за продажба на книгата, поради тужбата на поранешниот министер за внатрешни, Љубомир Фрчкоски. Фрчкоски го тужеше Андов за клевета бидејќи во книгата имплицирал на вмешаност на поранешниот министер за внатрешни работи во атентатот на претседателот Киро Глигоров.

Андов во книгата споделува повеќе сеќавања и дијалози од времето кога бил претседател на Собранието, а во еден дел пишува за денот на атентатот врз Глигоров, дека по само неколку минути откако бил известен што се случило, отишол да го посети претседателот во болница.

„Ми привлече внимание што за време на нашиот разговор ми се јави Слободан Милошевиќ. Стојане, што се случува со Глигоров таму кај вас? Му кажав дека Глигоров е жртва на големо злосторство, но првите оцени на нашите лекари се дека ќе може да се спаси. Ме праша дали може да помогне… Ми падна во очи што на оваа наша средба не е министерот за внатрешни работи Фрчкоски. Го прашав Бранко каде е Фрчкоски? Тој ми рече дека не знае точно каде е, но некој му кажал дека министерот заминал кон Крива Паланка. Невозможна и многу сомнителна работа“, пишува Андов во книгата.

Извор: Макфакс



Слични Објави