| |

Баница, серско… поруганото светилиште

Пишува: Владимир Перев

Импресии од едно обично патување и една културолошка трагедија

1.

Секој од нас, кога ќе мине во поодминатите години од животот, ги губи пријателите. Различни се начините. Некои си заминуваат од овој свет по законите на природата, а со другите ни се разминуваат патиштата. Доброто е што можат да се стекнат нови пријателства.

2.

Сакам да престојувам во Св. Врач, или (по комунистички) во Сандански, Бугарија. Отседнувам во хотел “Спартак“ Таму ме чекаат пријателите-Митко Тошев, Тони од Музејот и Бојчев. Се сретнавме на маргините на една племенита идеја, да се откупи од сегашните сопственици куќата на Димитар Талев во Прилеп. Да се претвори во музеј, или своевиден дом на културата, за средби на културтрегерите од Бугарија и Македонија. Ништо не стана. Отпорот кон сѐ бугарско, алчноста на продавачите и коварноста на мешетарите, ја девастираа племенитата идеја. Остана само моето пријателство со нив!

3.

Средината на ноември 2023 г. Отседнувам во “Спартак“. Се радувам на хотелската бања со топла минерална вода. Не успевам да се дорадувам, пријателите ме викаат на нешто како ручек-вечера. Нормално, работата завршува со прекрасни вина и договор за утрешното патување за Баница, серско. Ќе одиме на “гробот“ на Гоце Делчев. Не успеав да влезам во минералната топла вода.

4.

Следното утро е сончево, студеникаво и малку ветровито. Митко, Тони, мојата маленкост и Светла, кустосот на музејот во Сандански тргнуваме. Вози Светла. Одиме по подолгиот пат, за Баница преку Неврокоп или како сега би се рекло, Гоце Делчев. Ама областа си останала именувана како Неврокопско…бугарска работа. Убав пат, шумовит крај, прекрасна природа. Во Грција влегуваме без проблеми, со лични карти и само за неколку минути…ех, што ти е тоа Европа, молчам, ама им завидувам!

5.

Во Грција насекаде е чисто. Патот е асфалтиран и добро одржуван. Од тој пат, се одбиваме по еден лош макадамски пат, за да стигнеме до Баница. Влагуваме во селото…влегуваме во ништо!

6.

Стравична е сликата на она што некогаш било напредно село. Нема ништо, не постои ништо, само старата црква “Св. Димитрија“, наполно разрушена, без кров и со остатоци од олтарскиот дел. Митко ја презема иницијативата. Тој бил тука и по рано. На десната страна на олтарот, некоја племенита рака изградила мала камара за палење свеќи, нешто како замена за олтар. Некој оставил и две икони, на Св. Димитрија и на Св. Никола. Митко ги има свеќите. Палиме сите свеќа. Митко кажува каде бил гробот на Гоце, закопан некаде пред олтарот. Потоа ја обиколуваме црквата, поточно остатоците од неа. Секој е сам, со своите темни мисли.

7.

Светла ја презема иницијативата. Професионално објаснува, каде биле куќите, каде бил патот, какво е и од кога е парчето керамика што го најдовме, каде жителите оделе по вода и слично. Ништо не гледам од сето тоа, ама безрезервно и верувам. Потоа, тие тројцата се искачуваат на една височинка до црквата, за таму да ја видат големата висока камбанарија, која гордо го надвиснува крајот. Останувам сам.

8.

Ја обиколувам црквата од надворешната страна. Оградата е распадната, ама не може да се влезе. Запуштено е и необработено, преполно со густи трње и прнар, испреплетени така, што само змија или глушец може да се провлече. Трњето и прнарот ја чуваат црквата. На едниот крај, гордо се извишуваат две засадени дрва кипарис, најчеста слика на медитеранските гробишта и манастири. Сме го виделе тоа и порано, во Далмација.

9.

Одново влегувам и седнувам на еден паднат камен пред олтарот. Навираат мисли за идејата и борбата, за предавството и пријателството. Убаво е напишано од Димо Хаџи Димов за “петнадесет часа турците не посмяха от куршумите ни да приближат нашите убити. Петнадесет часа ний гледахме мъртвия Гоце, приведен сякаш върху гробът на Македония. И петнадесет часа ни се късаха сърцата…“, ама прашањето е дали тој навистина присуствувал. Или бил, па си заминал, а напишал по кажување. Дали крајот на Гоце е и крајот на Баница, без разлика што таа е разрушена во Меѓусојузничката и Првата светска војна. Имало ли предавство и што станало со предавниците.

10.

Што станало со пријателите. Турската потера ја води капетанот Ибрахим Тефиков, пријател на Гоце од Военото училиште во Софија. Ибрахим е син на Тефик беј, богат помак од Родопите. Гоце како јункер, бил гостин во нивниот дом. Времето ги разделило. Гоце заминал во Револуцијата, а Ибрахим од бугарската армија се префрлил во турскиот аскер, групата потерџии, командант на жандармеријата во Сер. Патиштата им се разминале, ама пријателството веројатно останало. Легендата вели дека имало договор. Тефиков знаел секогаш каде е Гоце и одбегнувал да оди по него. Ако било неминовно, договорено било, турскиот аскер, со три истрели од пушка да најави дека доаѓа потерата. Легенда ли е, или пак некој од нашите го премолчел предупредувањето. Кој требал да постави стражи? Дали навистина работата била запоставена, па ги предупредила “некоја бабичка“ од селото?

11.

Во секоја легенда, има доза на вистина. Во легендата за Гоце и Ибрахим Тефиков има многу вистина. Тефиков не дал телата на убиените да бидат унакажани, ги однел во Серес да ги покаже на властите, па потоа ги вратил во Баница за да бидат достојно закопани. Власта знаела дека едниот од убиените е Гоце. Тоа е вистината.

12.

Гледам во олтарот на црквата, седам пред гробот на Гоце и размислувам за нас, за нашето разноумие и неединство. Можно ли е, разногласието во редовите на ВМОРО во тој миг, разногласие меѓу групата на серчаните-санданистите и хаџидимовците, овие да се решиле на радикален чекор за разрешување на идеолошките несогласици. Малку се пишува и за Андреј Хрлев од групата на санданистите, мистична личност со непотврдени дејствија во тој реон.

13.

Митко, Светла и Тони се враќаат од височинката, од камбанаријата. Светла го води главниот збор. Ова не е камбанарија на црквата Св. Димитрија“, вели таа. Оваа е од унијатска црква, затоа што само на тие цркви, во турско, им било разрешено да имаат камбанарија. Нашите објавувале со клепало. Гоце бил унијат, вели таа, ама во Военото училиште, при уписот се декларирал како православен. Затоа, тој е овде закопан, во Св. Димитрија, а камбанаријата е на друга црква. На неа се гледа натписот на градителот „Мастора Георги Диму[в] Жилюв“. На бугарски, колку да се знае!За камбанаријата требало да има соодветна дозвола, вели Светла. Таа е и добиена во 1882-3 година од Високата порта.Впрочем, унијатите од Баница, по Балканските војни се заселуваат низ Бугарија, а на самата граница со Грција, основаат село кое се вика Ново Делчево…поминавме таму, додава Митко.

14.

Се враќаме назад, за Сандански. Ке одиме на Кулата. Минуваме покрај соседното село на Баница, Фраштани. Прекрасно, напредно село. Знаат бугарски/македонски вели Митко, ама со нас не сакаат да контактират, нѐ одбегнуваат. Молчам. Непријатно ми беше да му кажем, дека какви сме ние, најпаметната работа на фраштанци е да нѐ одбегнуваат. Да се запазат себе сѝ, ама веројатно и нас.

15.

Митко Тошев добро ги познава сите истории со гробот и коските на Гоце. Вели дека во гробот пред олтарот има останати коски од Гоце. Ги има вели и во Софија сеуште, ги има и во Кукуш, а најпознати се оние во Св. Спас во Скопје. Тие имаат и најтрагична историја. Свидетелствуваат за едно робско време, робство кон нечовечка идеологија!

16.

Уморни од патот, влегуваме во хотел “Спартак“ во Сандански. Нѐ чека вечера и разговор. Бојчев сѐ организирал. Не успевам да влезам во топлата бања. Губам секаква надеж дека со оваа компанија, некогаш ќе успеам да се избањам. Утринта заминувам за Скопје.

17.

Во Скопје, жена ми и пријателите ме прашуваат “како беше во топлата бања?“ Им велам дека не успав да влезам во водата. Гледам дека не ми веруваат, мислат дека лажам. Покрај толку лаги во овој свет, си мислам, па зошто и би ми верувале. Сепак, недовербата нека ја посочат кон политичарите.

18.

Студен јануари 2024 година во Скопје. Поминаа и двата Божика, Новата година и Водици. Крстови и опела, желби за добро здравје и поминок. Мене ме измачуваат сликите од Баница. Разрушена, девастирана. Избришано минато, затрупан и нејасен гроб, поругано светилиште. Луѓе нема, ама светоста на местото останува, чувството е присутно со самото пристигнување таму.

19.

Со стиснато срце го чекам 4-ри февруари, роденденот на Гоце. Политички и национални манипулатори од двете држави, насилници од најдолен вид, политички конвертити и криминалци, ќе се растрчаат кон Св. Спас, за наводна почит кон херојот. Бил “нивни“. Некои и ќе посакаат физичка пресметка. Полицијата ќе биде тука да ги брани сите и од двете страни. Сите оние кои не сакале ниту во војска да одат, а камо ли во војна. Патриотизмот им е во уличното насилие. Не знаат ли дека повеќето од македонците/бугарите имаат роднини и пријатели од двете страни на границата и идеологијата. Ама, политичарите се тука, да ги поттикнуваат и насрчуваат. Истите политичари кои не можат да се договорат чиј е Талев и чиј е Гоце! Мизерници кои немаат храброст да се јават на грчките власти и да побараат барем елементарна почит и спомен за трагедијата на еден херој. Да се договорат за величието на еден писател, па макар да бил и бугарски.

20.

Веројатно се во право селаните од Фраштани што не сакаат да се дружат со нас, македонците/бугарите. Ние само знаеме за лажлива, на ништо заснована гордост и вербална, манифестантна квазипочит кон нашите поругани светилишта и величини!

За иднината никој не мисли, за достоинството на народот уште по малку…тоа е затоа, што нашите лидери се без достоинство!

Слични Објави