| |

БЕКТЕШИ: ПОГОЛЕМА ЗАШТИТА НА ПРАВАТА ОД ИНТЕЛЕКТУАЛНА СОПСТВЕНОСТ НОСИ ПОВЕЌЕ СТРАНСКИ ИНВЕСТИЦИИ

„Високата употребна вредност на производите и услугите, како и производство на нови производи со висока додадена вредност претставува клуч на пазарното јакнење на компаниите, при што целта е поквалитетно и поевтино производство. Во овој процес, технолошкото ниво на компаниите игра исклучително важна улога. Од друга страна, иновативноста и креативноста имаат позитивно влијание во секојдневниот живот, а заштитата на интелектуалната сопственост е основен елемент за успешно функционирање на единствениот европски пазар“, истакна Бектеши на отворањето на конференцијата на тема: „Трансфер на технологија и права на интелектуална сопственост во Република Македонија“, по повод 25-годишнината од основањето на Државниот завод за индустриска сопственост.

Тој додаде дека според истражувањата бројот на странски директни инвестиции е во правопропорционален сооднос со степенот на заштита на правата од интелектуална сопственост, при што од особена важност е издржаната правна и политичка рамка за промовирање на новите решенија кои претставуваат одговор на пазарните барања..

„Со посебно задоволство ќе истакнам дека регулативата на Република Македонија во оваа област е хармонизирана со меѓународните стандарди за заштита на правата од интелектуална сопственост. Тоа овозможува ефикасна заштита на овие права и поголема правна сигурност за странските компании, а воедно и подобрување на инвестициската клима во државата“, реше Бектеши.

Директорот на ДЗИС, Сафет Емрули, потсети на патот низ кој помина Заводот за да прерасне во модерна институција, која е веќе 10 години рамноправна членка на Европската патентна организација.
„Од самото основање до денес, нашата цел е зголемување на квалитетот на услугите со меѓународни стандарди од аспект на заштита на правата од индустриска сопственост во Република Македонија. Донесовме две национални стратегии и реализиравме низа проекти со цел усогласување на националното законодавство со европското, а континуирано работиме на подигање на свеста за знаешењето и придобивките од спроведување на индустриската сопственост“, објасни Емрули, додавајќи дека досега пред Заводот се пријавени 32.000 трговски марки, 10.000 патенти, над 1.000 пријави за индустриски дизајн, додека регистрирани се над 26.000 трговски марки, 8.800 патенти и десетици географски називи, од кои 5 имаат и меѓународна заштита.

Заменик претседателот на Европскиот патентен завод, Жељко Топиќ, се осврна на плодната соработка што европската организација ја има со Заводот дури и пред добивањето на полноправно членство.
„Создавањето на национален систем на заштита на индустриската сопственост и култура за значењето на оваа област има значајно влијание врз националниот економски раст, кој се базира на знаење и иновативност. Би сакал да ја нагласам посветеноста на Државниот завод за индустриска сопственост, кој работеше со нас за да развие и имплементира сеопфатна програма за билатерална соработка. Ние ќе продолжиме да обезбедуваме поддршка за разввање на нови заеднички инциијативи“, порача Топиќ.

На свеченоста, пораката дадена во име на генералниот директор на Светската организација за интелектуална сопственост, д-р Франсис Гури, ја поренесе Силвија Трпковска: „Повеќе од 25 години Светската организација има конструктивна комуникација со Заводот, кој ги склучи најважните договори во областа на индустриската сопственост, што ја постави основата за активно учество на вашата земја во меѓународниот систем на индустриска сопственост. Договорите се една работа, а креирањето на функционален механизам за систем на интелектуална сопственост е нешто друго. Токму во тој дел, би сакал да изразам посебна почит на огромниот прогрес кој вашата земја го оствари за релативно кус период во насока на воспоставување на национална законодавна архитектура и инфраструктура во системот на интелектуална сопственост“.

На свеченоста беше промовирана „Монографија за 25-годишнината на ДЗИС“, а во работната сесија учествуваа експерти и претставници од Европскиот патентен завод, Светската организација на индустриска сопственост, Заедничкиот истражувачки центар на Европската Комисија и Фондот за иновации и технолошки развој.

Слични Објави