БИЛИЌ Ѝ ГИ РАСИПУВА ПЛАНОВИТЕ НА ШКЕНДИЈА – АГИМ ИБРАИМИ ОДИ ВО С. АРАБИЈА?

Вести Истакнато Спорт

Поранешниот македонски репрезентативец Агим Ибраими ја заврши авантурата во словенечки Домжале, објавија медиумите во Словенија, но многу извесно левоногиот крилен фудбалер нема да се врати во Тетово и во матичната Шкендија, туку кариерата ќе ја продолжи во Саудиска Арабија.

Пред неполн месец, албански медиуми од земјава објавија дека Агим Ибраими ќе биде „бомбата“ на зимскиот преоден рок под Шара и дека по 12 години ќе се врати во црвено-црниот дрес, наводно со речиси договорен трансфер по истекот на договорот со Домжале. Сепак, како што објавува „Екипа24.си“, многу веројатно е сепак дека Ибраими ќе замине во саудискиот Ал Хилал, каде тренер е бившиот хрватски селектор Славен Билиќ.

Билиќ со сака Ибраими за да го засили нападот, но освен овој фудбалер, хрватскиот стручњак веќе подолго време како прв пик го има и македонскиот репрезентативец Аријан Адеми од Динамо Загреб, за кого саудискиот клуб е подготвен да му плати богатство на Динамо Загреб, а Адеми да добие 2,5 милиони евра годишна плата.

Нема сомнение дека пребогатите Саудијци може многу полесно да убедат било кој фудбалер, па во случајот и Ибраими за да дојде кај нив, што Шкендија ја става во тешка положба финансиски да се трка со нив околу личните услови на бившиот репрезентативец. Сепак, останува во следниот период да се види дали Ибраими ќе замине во Саудиска Арабија или сепак ќе дојде во Тетово.

Инаку, Ибраими во Домжале ја завршува авантурата зашто словенечкиот клуб не сакал да му го продолжи договорот поради лошата форма, а од друга страна македонскиот интернационалец бил незадоволен од малата минутажа во тимот. За Домжале одигра 43 меча и даде шест гола.

Летово во С. Арабија замина за еден милион евра годишна плата капитенот на Шкендија, Ферхан Хасани, исто така репрезентативец на Македонија.

Извор: Sport1.mk