Билјана Ивановска најавена како независна кандидатка за градоначалничка на Општина Центар
Граѓанските иницијативи од Платформата „Независни заедно“ денеска ја претставија Билјана Ивановска како независна кандидатка за градоначалничка на Општина Центар за претстојните локални избори.
„Ја имаме честа да ја претставиме истакнатата жена-борец за правда и антикорпуционерка, и една од најреспектабилните јавни личности, Билјана Ивановска, како независна кандидатка за градоначалничка за Општина Центар“, соопштија од Платформата.
Ивановска, поранешна директорка на ДКСК, ја добива поддршката од граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 398“. Според најавата на „Независни заедно“, таа утре ќе одржи прес-конференција пред фонтаната Лотус на влезот во Градскиот парк во 9:30 часот, на која официјално ќе ја објави својата кандидатура.
