БИЛЈАНА НЕМА КАЈ ДА ГО ОБЕЛИ ПЛАТНОТО

Билјана нема кај да го обели платното. Охрид доживеа, а прашање на ден е кога пак ќе доживее, агресија од сопствената „војска“, со муниција во пластични кеси и друга амбалажа. Ова е една од најстрашните субверзивни војни што може да и се случи на една земја, а тоа уште повеќе боли и е опасно кога се работи за напад од домашните „сили“.охрид1

Билјана нема кај да го обели платното

Последиците од оваа специјална војна не можеше да ги исчисти ни градскиот Комуналец во три смени. Агресијата беше силна, неочекувана и непредвидена, а предвидлива, ама нема кој да ја предвиди, зашто „разузнавачките служби“ одамна се во колапс. Едноставно нема кој да го одбрани Охрид, ни превентивно ни акутно, зашто во име на слободата на движењето и на човековите права сe’ e отидено во лудило.

Ништо не им е свето на варварите!

Тие цело ова опасно време се лудуваат и играат самоубиствени танци со вирусот, руски руелт во кој не се знае кога ќе пукне пиштолот. На помош, како логистика, се појавија јатаците – дивите угостители. За нив има само еден мотив и императив: парите! Гостите се слободни и ослободени, па дури и на рацете да им удираат печати, како на овците, за да се знае која овца од кое трло е, не им пречи. Се се прифаќа во име на лудоста. Соучесништво во заеничко дело – нов кластер наречен „Варварски“.

Оптшината нема сили, или нема „мадиња“. Во полицијата, не дека нема мажи, туку страв им е од авторитетот на родителите на децата што лудуваат! Ако се дознае кој го искарал детето, тој ќе го изгуби работно место. Така е тоа во клиентелизмот, од кој Македонија не верувам дека некогаш ќе се истресе, како куче од болвите.

Градоначалникот – мек, пола век, пола мек – нема лек! Дали воопшто знае што да прави во ваква ситуација, немаше никаква рекација од ниту еден орган.

охрид 2
Ништо не им е свето на варварите!

На дело „патриотизам“! Тоа вели дека штом самите го уништуваат своето, во случај на туѓа наезда, тие ќе бидат тука за да помогнат во уништувањето, да биде целосно рамно со земјата. Сега вежбаат. „Кога доаѓаат варварите тие со себе ги носат и своите закони“!

Ништо не е свето за варварите!

Ни водата! Да се истури што повеќе бензин во неа од глисерите на неизживеаните новопечени тразициони изобличени фаци.

Странците не дојдоа, домашните варвари однесоа победа? Нивната победата е: сосема разнебитена туристичка стратегија, која со децении се мачиме да ја донесеме, избркани гости сосе нивните девизи, за да не ги остават на домашниот пазар и малку да го испеглаат трговскот дефицит, лошиот глас за сите нас.

Никој не знае да каже зошто ништо не им е свето на варварите?

Нема кој да каже, образованието печати доктори на науки за по дома; За медиумите образовните емисии се под секоја чест;  Домашното воспитување се сведува на ајфон во најраните детски години; Образованието на родителите е сомнително, нема што да му каже на своето дете за богатството на Охридското Езеро.

Ако некој знае веднаш да каже каде е Саргасовото Море и зошто е значајно за охридската приказна, глава сечам. Освен тоа не можеш со нив со убаво. Убавите зборови на варварите им се здодевни.

Ништо не е им е свето на варварите!

За нив се одвратни приказните за староста на езерото, за Билјана, за ендемичните видови, за „Деспина“, за „Фросина“, за песните на Миладинови, за 365-те цркви, за Света Софија, за Богородица Перивлепта и за нејзините икони, за Свети Климента и Наума ни за нивниот универзитет, за Десетата ракатка на Стеван Мокрањац, ни за „Охридска легенда“ на Стеван Христиќ ни прекрасните новокомпонирани обнародени песни за Охрид и езерото…За нив магија и фантазија се „нешто опојно“, кичот и духовната празнина.

Едноставно, дивјаштво!

Патувај Европо кон нови научни, медицински и вселенски откритија! Нас не чекај не, ние сме зафатени, го чекаме слединот напад на варварите!

Автор: Бране Стефановски

Извор: Анторис