|

Британија и Франција со заеднички воздушен напад врз објект на ИД во Сирија

Британското Министерство за одбрана соопшти дека, заедно со Франција, вечерта на 3 јануари извелe напад врз подземен објект во Сирија, кој најверојатно бил користен од Исламска држава за складирање оружје, јавува АФП, пренесува БГНЕС.

„Авионите на Кралските военновоздушни сили извршија успешни удари врз ДАЕШ во рамки на заедничка операција со Франција“, се наведува во соопштението на Министерство за одбрана на Обединетото Кралство, при што е употребена арапската кратенка за Исламска држава.

„Објектот бил окупиран од ‘ДАЕШ’, најверојатно за складирање оружје и експлозиви. Подрачјето околу него е без цивилно население“, додаваат од министерството.

Од таму уверуваат дека нема индикации дека бомбардирањето северно од древниот град Палмира претставувало закана за цивили.

Исламска држава беше територијално поразена во Сирија во 2019 година, но и понатаму има присуство, особено во обемните пустински области на земјата.

Палмира, дом на антички урнатини под заштита на УНЕСКО, во минатото беше под контрола на џихадистичките борци.

Минатиот месец Вашингтон соопшти дека поединечен напаѓач на Исламска држава во Палмира отворил оган врз американски персонал, при што загинале двајца американски војници и еден цивилен вработен.

Како одговор, американските сили соопштија дека погодиле десетици цели на Исламска држава во Сирија.



Слични Објави