| |

БРИТАНСКИ ГЕНЕТИЧАР: КОРОНА ВИРУСОТ МУТИРА, НО ЗАСЕГА НЕ СТАНУВА ПООПАСЕН

Група британски научници кои ги истражувале тврдењата дека вирусот Ковид-19 меѓу луѓето се појавил кон крајот на минатата година откриле дека неговата генетска структура претрпува одредени мутации, пренесува Си-Ен-Ен.

Франсоа Балу, од Институтот за генетика, при Универзитетскиот колеџ во Лондон, открил дека сознанијата до кои дошле покажуваат знаци за мутации кај вирусот, но оти тоа не го направило повирулентен, ниту пак посмртоносен за луѓето.

Тој и неговите колеги споредувале вирусни секвенци од глобалната база на податоци што ја користат научниците ширум светот за споделување информации. Тие ги разгледале примероците земени во различни периоди и од различни места во светот, па донеле заклучок дека вирусот најпрво почнал да ги заразува луѓето кон крајот на 2019 година.

Истражувањата на неговиот тим се објавени во научното списание „Инфекции, генетика и еволуција“, а во нив се подвлекува дека вирусот не бил раширен низ светот пред декември минатата година и оти немало многу време популациите да создадат природен имунитет.

Многу различни студии покажаа дека коронавирусот, честопати од научниците наречен САРС-КоВ-2, потекнува од лилјак, но оти нема забележани заразени други животни пред да премине кај луѓето.

Првите случаи меѓу луѓето беа пријавени во Вухан, Кина, минатиот декември.



Слични Објави