| |

Бугарија ќе се приклучи кон иницијатива на НАТО за справување со дронови до крајот на октомври

Бугарија очекува да се приклучи кон иницијатива на НАТО за справување со нисколетечки воздушни закани до 30 октомври. Ова го соопшти министерот за одбрана на Бугарија, Димитар Стојанов, во одговор на пратеникот Хамид Хамид, кој ја отвори темата за учеството на земјата во сојузничките програми за противвоздушна и противдронска одбрана, пренесува БГНЕС.

За време на сослушувањето, Стојанов појасни дека Бугарија не ја напуштила иницијативата Drone Edge, туку учествува во неа. Според него, земјата се обврзала да издвои 80 милиони евра за набавка на 20 системи — 10 мобилни и 10 стационарни, преку механизмот SAFE. Се очекува и потпишување меморандум со Шпанија за нивна заедничка набавка.

„Бугарија е во иницијативата Drone Edge, учествува во неа и има најавено учество со 80 милиони евра“, нагласи министерот. Тој додаде дека иницијативата предвидува и обука на оператори, при што Бугарија изразила подготвеност да обучи свои кадри во 2027 година.

Стојанов направи разлика меѓу Drone Edge и посебниот проект за справување со нисколетечки воздушни закани, кон кој земјата сè уште не се приклучила. Според него, за вториот проект е предвиден задолжителен годишен придонес од 220.000 евра, а на учеството му претходи процена на финансиските можности на државата.

„И покрај сè, процените во Министерството за одбрана се дека можеме да си ја дозволиме оваа сума и Бугарија ќе стане дел од проектот во најскоро време“, изјави Стојанов.

Премиерот Румен Радев исто така појасни дека двете иницијативи не треба да се мешаат. Тој посочи дека во проектот за противбалистичка одбрана, познат како Freya, учествуваат десет држави по приклучувањето на Полска. Според него, параметрите и потребните средства за секоја земја сè уште не се целосно разјаснети.

„Параметрите сè уште се во голема мера непознати. Не е јасно со колкави средства треба да учествува секоја држава“, изјави Радев.

Повод за дебатата беше прашањето на пратеникот Хамид Хамид, кој праша дали, во контекст на последните напади, безбедноста на бугарските граѓани може да се разгледува низ призмата на трошоците. Тој ја отвори и темата за средствата што се издвојуваат за други намени, наместо да се инвестираат во безбедноста на земјата.

Во одговорот, Стојанов појасни дека Бугарија не се приклучила кон проектот за нисколетечки закани уште во 2025 година бидејќи ги разгледувала трошоците и можностите на буџетот. Според него, се очекува земјата да ги преземе неопходните чекори за приклучување до крајот на октомври.

Слични Објави