| |

Бугарија одбележува 175 години од раѓањето на големиот поет и револуционер Христо Ботев

Во Бугарија се одбележува 175-тата годишнина од раѓањето на големиот бугарски поет и револуционер Христо Ботев. Ширум земјава учество во свеченостите ќе земат репрезентативни единици од копнените сили, воздухопловните сили, морнарицата, Здружената команда за специјални операции и Националната гарда на Бугарската армија.

Еден од најголемите бугарски поети и револуционери – Христо Ботев, е роден на 6 јануари 1848 година во Калофер. Ботев живеел само 28 години, но останал во националната меморија и со своето творештво и со своето револуционерно дело.

Ботев се раѓа во семејството на даскал Ботјо Петков и Иванка Ботева. Во почетокот (1854-1858) учел во Карлово, каде што бил учител Ботјо Петков, подоцна се вратил во Калофер и продолжил да се образова под водство на својот татко и во 1863 година го завршил Калоферското училиште. Во октомври истата година заминува за Русија и се запишува како приватен ученик во Втората гимназија во Одеса, од која бил избркан во 1865 година. Извесно време бил учител во бесарабското село Задунаевка.

Во 1867 година се вратил во Калофер и почнал да шири бунтовни идеи за ослободувањето на Бугарија од Османлиите, по што конечно го напуштил Калофер. Во тоа време во весникот „Гајда“ чиј главен уредник бил Петко Рачов Славејков е објавена првата песна на Хр. Ботев – „Мајце си“. Од октомври 1867 година живеел во Романија. Работи во Браила како словослагател кај Димитар Паничков, каде што е печатен весникот „Дунавска зора“. Во следните години се сели од град во град, извесно време живее заедно со Левски.

Во 1872 година бил уапсен поради конспиративна револуционерна активност и испратен во затворот Фокшан, но е ослободен по застапништво на Левски и Каравелов. Почнал да работи како печатар кај Каравелов, а подоцна и како соработник и коуредник на револуционерниот орган. Ја започнал својата активна работа како новинар и под негова редакција почна да се излегува новиот орган на бугарските револуционери – весникот „Знаме“. Во 1875 година заедно со Стефан Стамболов ја објавува стихозбирката „Песни и стихотворби“. Априлското востание го поттикнало да создаде чета, на која станал војвода. Од Ѓургево со дел од четата се качил на бродот „Радецки“ и на 17 мај го принудиле капетанот да застане на бугарското крајбрежје. На 20 мај 1876 година се случила последната тешка битка, во која големиот поет го губи својот живот.

Во врска со годишнината од раѓањето на поетот, Бугарската народна банка издаде сребрена комеморативна монета на тема „175 години од раѓањето на Христо Ботев“ од серијалот „Бугарска преродба“.

Слични Објави