Бугарската национална телевизија ќе емитува документарен филм за големиот бугарски ликовен уметник Владимир Димитров Мајсторот
На 12 април, среда, во 21:00 часот на БНТ 1, ќе се емитува документарниот филм на режисерот Николај Василев – „Да бидеш Мајсторот“, посветен на едно од најголемите имиња на бугарското сликарство Владимир Димитров – Мајсторот.
„Мајсторот е најубавата душа во уметноста што сме ја имале. Тој е пат и икона, за него треба да се знае дури и во најсивиот панел, за да има пример како селото може и да не е навредлива именка. Неговите слики за мене се повредни од 100 тома напишани историски текстови, во кои секогаш има сомнителна веродостојност. Тој е цветен извор од кој можеме да ја пиеме живата вода на нашата народна психологија“, вели Николај Василев.
Во филмот за личноста на Владимир Димитров – Мајсторот, учествуваат и двете последни живи Мадони на уметникот – Бојанка Аракчиева и Миланка Иванова, а за неговото творештво како национално богатство раскажуваат доц. д-р Валентин Господинов – скулптор, професор во Националната ликовна академија, директор на Уметничката галерија „Владимир Димитров – Мајсторот“ во град Ќустендил, Аделина Филева – ликовен критичар, директор на Софиската градска уметничка галерија и Иво Милев – раководител на „Проекти и експозиции“ во Националната галерија.
