| |

Бугарската влада ќе ја одобри нацрт-спогодбата со РСМ за изградба на трансграничниот железнички тунел дел од Коридор 8

Владата на Бугарија денеска треба да ja одобри предлог-спогодбата со Владата на Република Северна Македонија за подготовка, изградба и експлоатација на трансграничниот железнички тунел што е дел од Коридор 8 јавува БГНЕС.

Вицепремиерот и министер за транспорт и комуникации на Бугарија, Гроздан Караџов, на регионалниот форум за транспортна поврзаност во Ќустендил што се одржа во крајот на месецот септември изјави дека два од најзначајните железнички делници од Коридор 8 – Радомир–Перник и Перник–Софија – повторно се вратени во инвестиционата програма на НКЖИ.

Караџов истакна дека развојот на железничката линија Софија – Ѓуешево и нејзиното поврзување со мрежата на Северна Македонија е од стратешко значење. До крајот на годината ќе биде усвоен новиот проект за трасата Радомир – Ѓуешево, кој ќе обезбеди директна врска и за Ќустендил. Линијата ќе биде проектирана за брзина до 160 км/ч, а јавниот тендер за изградба ќе биде распишан во средината на следната година. Новата траса ќе минува надвор од населените места, а за жителите се разгледува можност за организирање на додатен транспорт, додека постојните линии низ планинските подрачја ќе бидат рехабилитирани за помали возови.

Во тек е тендер за изградба на 2,4 километри долг дел од линијата до границата кај Ѓуешево. Во ноември е предвидено потпишување на договорот со Северна Македонија за изградба на заедничкиот трансграничен железнички тунел – последниот чекор за комплетирање на поврзувањето.

„Ако сè оди според планот, во 2031–2032 година ќе биде можно да се патува со воз од Скопје до Бургас,“ изјави на 30 септември вицепремиерот и министер за транспорт на Северна Македонија, Александар Николоски.

Тој потврди дека на 4 ноември, по завршување на ограничувањата поради локалните избори, ќе се потпише спогодбата за заедничка изградба на тунелот, согласно договорот постигнат уште во јуни оваа година.

„Во јуни имавме средба со вицепремиерот и министер за транспорт на Бугарија, Караџов, во Истанбул – корисна и конструктивна средба, на која по една година за првпат седнавме да ги разгледаме реалните инженерски, а не политички проблеми. Бидејќи темата беше чисто техничка, решенијата ги најдовме брзо,“ нагласи Николоски.



Слични Објави