| | |

Бугарскиот цар Самуил се „враќа дома“!

Атанас Величков

Договорот за пренесувањето на посмртните останки на бугарскиот цар Самуил од Музејот на византиската култура во Солун во Софија се случи како гром од ведро небо за сите заинтересирани од двете страни на границата меѓу Бугарија и Република Северна Македонија. Тоа е непобитен факт. Вклучените во оваа „операција“ го прават исклучокот и со тоа само ја потврдија старата мудрост дека „успехот ја сака тишината“.

Лаконски си земаме за право да речеме дека „враќањето на царот во главниот град на Бугарија“ е голем успех за бугарската дипломатија, владејачка гарнитура и воопшто држава. Успех, кој тешко ќе биде простен од едни, а неуспешно девалвиран од други.

Нема да навлегуваме во детали за тоа кој бугарски политичар „сработил“ повеќе за да можат Бугарите од Мизија, Тракија и Македонија на 3 октомври да ги пречекаат посмртните останки на својот средновековен владетел во својот главен град.

Ќе ги искоментираме само некои реакции, од кои дел се очекувани, а други, мора да признаеме, се многу иновативни, ако ги погледнеме од перспективата на нашето балканско битие, да не кажеме менталитет.

Не е потврдено дека останките се на царот Самуил! Тоа е ставот на барем двајца еминентни историчари од Република Северна Македонија, кои се појавија во македонскиот медиумски етер за да направат какво такво кризно санирање на последиците. Последици по митот и легендата дека Самуил бил цар на македонско средновековно царство, прифатена од поголемиот дел од популацијата на етничката македонска заедница во земјата и се разбира- последици по владејачката гарнитура, која би била обвинета од некои порадикални кругови дека го има „проспиено“ овој нов бугарско-грчки „антимакедонски“ договор.

Еден недотолку еминентен стендап комичар во обид од нашата земја веќе искажа сличен став! Во смислата, дека нема ништо изненадувачко во тоа што Бугарија и Грција се договориле, правејќи алузија на некои договори во минатото. Друг креатор на јавно мислење пак ја „однесе водата“ на кај бугарските комплекси. Трет(ите)… се далеку поинтересни и како што напишавме погоре во текстот, многу иновативни во својата мисла, ако ги погледнеме од нашата балканска перспектива, заборавајќи притоа, дека односите меѓу Бугарите во Македонија и Бугарија се значително променети во последните 1100 години. Еве го и ова вонвременско мислење.

Посмртните останки на царот Самуил да бидат препогребани во базиликата на островот Св. Ахил во Преспанското езеро и таму да се вршат заеднички одбележувања на големиот владетел!

Сама по себе таа идеја е прекрасна. Ако се разбира, ние тоневме во идилата на прифатената историска вистина за случувањата во минатото по оската на целокупната балканска историја. За нејзините славни и темни страници, без зачинети херојства, премолчени ѕверства и извитоперени стварности. Делегации на три земји или на двете што се најзаинтересирани во случајот Бугарија и Северна Македонија заедно да му оддаваат почит на цар Самуил на грчка територија. Звучи прекрасно, нели? Реалноста за жал, ја побива таа убаво замислена проекција. Ни недостасуваат примерите за тоа во сегашноста. Каде се заедничките одбележувања на годишнината од смртта на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје? Каде се заедничките посети на селото Баница? Примерите што можеме да ги дадеме, се поврзани со строго определено време во кое бугарска делегација предводена од амбасадорот на Бугарија во Скопје, може да се поклони пред останките на Делчев во „Свети Спас“, сериозно присуство на полиција во и надвор од црквата, за да не се случи нешто несакано, а потоа и отстранување на лентите со бугарското знаме од венците оставени пред саркофагот. Во Баница, ситуацијата е делумно иста, кога станува збор за „заедничкото“. Познати се примерите со посетите на барем двајца претставници на парламентите на двете земји- еден пратеник од македонскиот и една пратеничка од бугарскиот. Одвоени се разбира.

Поради што ова што веќе го имаме како минато искуство би се променило, кога станува збор за Самуил? Ние не го знаеме одговорот на тоа прашање. Одредени кругови во Скопје ќе созреат и ќе го прифатат фактот дека двете земји имаат заедничка историја? Заедно со Бугарите ќе застанат пред гробот на Самуил ќе му оддадат почит? А потоа лентите со бугарското знаме нема да бидат отстранети од венците на бугарската делегација? Тоа третото е најверојатно да се случи во вака замислените ситуации.

Но да се вратиме во реалноста на нашата сегашност. Таа е жестока по својата едноставност.

Посмртните останки на бугарскиот цар Самуил на 3 октомври 2026 г. ќе бидат пречекани во центарот на Софија од илјадници Бугари. Потоа ќе бидат положени во базиликата „Света Софија“ во саркофаг изработен од бел мермер, добиван во околината на Прилеп. Бугарскиот цар, ќе се врати во границите на современата бугарска држава како што и доликува. Се работи за историски момент за сите Бугари, во и надвор од истите тие граници. Се работи за тоа, дека царот Самуил ќе почива во главниот град на државата, наследник на царството, што самиот тој го владеел во период кога истото било под ударите на големата Византија и нејзиниот славен император Василиј II, кој подоцна ќе биде наречен Бугароубиецот.

Овде нема место за политика, ниски страсти и лажен патриотизам. Нема место за замислени ситуации и давање „експертски“ мислења од типот „што би било, ако би било“.

Важен е симболот. Важни се фактите. Важно е, што еден од најхрабрите и најпознати бугарски цареви се „враќа дома“.

PS: На оние, кои сакаат да научат нешто повеќе им го препорачуваме видеото со интервјуто на познатиот бугарски новинар Бојко Василев со познатиот грчки археолог и професор на Универзитетот во Солун Николаос Муцопулос (1927-2019), научникот што го открил гробот на царот Самуил во 1969 г.

Слични Објави