Бугарскиот пасош е повисоко рангиран од британскиот и американскиот според глобалниот индекс за мобилност
Бугарскиот пасош зазема повисока позиција во меѓународното рангирање за мобилност од пасошите на Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави, покажуваат податоците од глобалниот индекс за моќност на пасошите, објавени од „Гардијан“, пренесува Актуално.
Бугарските граѓани можат да патуваат до повеќе дестинации без претходно издадена виза или со олеснети процедури, со што земјата се вбројува меѓу државите со најголема слобода на движење во светот, пишува британскиот весник.
Моќноста на еден пасош се мери според бројот на држави, територии и региони во кои неговиот носител може да влезе без виза, со виза при пристигнување, со електронско одобрение за патување (ЕТА) или со забрзана електронска виза.
Во рангирањето Бугарија се наоѓа на 11. место, во повисока категорија од Обединетото Кралство и САД. Предноста на бугарскиот пасош главно се должи на членството на земјата во Европската Унија и пристапот до Шенгенскиот простор. Тоа овозможува слободно движење низ голем дел од Европа и ги олеснува патувањата во многу други држави преку меѓународни договори.
Носителите на бугарски пасош можат да посетат низа земји само со резервација на лет и подготовка на багажот, без да минуваат низ сложени постапки за добивање виза. Истовремено, граѓаните на други земји мора однапред да посетуваат конзулати, да приложуваат документи за личниот идентитет и финансиската состојба и чекаат со недели одлука за своето барање, дополнува „24 часа“.
На врвот на листата според мобилноста се Обединетите Арапски Емирати, Франција, Шпанија, Австрија, Белгија и Финска.

