БУГАРСКОТО МНР ОТПОВИКА КОНЗУЛ-СОБИРАЛ ТАКСА „КОРОНАВИРУС“
По наредба на вицепремиерот и министер за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, веднаш е прекината надворешната мисија на Свилен Илиев, шеф на конзуларната служба во Хаг, Кралство Нидерландија, соопшти бугарското Министерство за надворешни работи.
Причина за отповикувањето е што тој нелегално собирал „такса коронавирус“ од посетителите на конзуларната служба на амбасадата: по пет евра за бугарските државјани и десет евра за Холанѓани и државјани на други земји.
„Ова однесување е недопустливо за бугарската дипломатска служба и не може да се толерира на било каков начин. Би сакала да им се заблагодарам на сите претставници на Министерството за надворешни работи кои во секој еден момент им се достапни на бугарските граѓани низ целиот свет“, рече Екатерина Захариева, во врска со случајот.
Против конзулот Илиев ќе биде покрената дисциплинска постапка, а е побарано и објаснување на случајот од страна на амбасадорот на Бугарија во Кралство Нидерландија Румен Александров.
