ЦРНА ГОРА Ѝ ПОНУДИЛА НА СПЦ ДА ЗАПРЕ ПРИМЕНАТА НА ЗАКОНОТ ЗА СЛОБОДА НА ВЕРОИСПОВЕД

Премиерот на Црна Гора, Душко Марковиќ, денеска објави дека тој и претседателот на државата, Мило Ѓукановиќ, неодамна му предложиле на митрополитот црногорско – приморски на Српската православна црква Амфилохије да запре примената на Законот за слобода на вероисповед сè додека Уставниот суд и Европскиот суд за човекови права не се изјаснат за Законот. Тие предложиле и продолжување на дијалогот, но, како што кажал Марковиќ, митрополитот повикал на продолжување на литиите.

„Поточно Владата беше подготвена да го стопира спроведувањето на Законот за слобода на вероисповед сè додека Уставниот суд на Црна Гора и Европскиот суд за човекови права во Стразбур не донесат одлука за него“, рече Марковиќ утрово во обраќање до јавноста.

Во исто време, додаде Марковиќ, понудивме да ги продолжиме преговорите на експертско ниво за следната недела, за што владиниот тим се подготвуваше во текот на изминатиот период.

Марковиќ посочи дека, како одговор, следел повикот на митрополитот Амфилохије да се организираат литии, што, според црногорскиот премиер, се толкува како продолжение на недоразбирањата и конфронтациите.

„Црна Гора е демократско општество на европски и евроатлантски вредности во кои се дозволени јавни собири, сè додека тие не ги загрозуваат правата на другите“, рече Марковиќ.

Извор: makfax