| |

Д-Р ЖЕЉУ ЖЕЛЕВ ЗАСЛУЖУВА УЛИЦА ВО СКОПЈЕ

На 30 јануари ќе се навршат 5 години од смртта на првиот демократски избран претседател на Република Бугарија д-р Жељу Желев. Не би сакал текстот да стане предолг и да заличи на статус на азилантот Груевски, затоа ќе оставам линк преку кој ќе можете да се запознаете со богата биографија на овој истакнат демократ и што е најважно голем пријател на Македонија.

Д-р Желев е човекот кој лобирал за признавањето на македонската независност пред првите луѓе на две светски сили: Борис Јелцин, во тоа време претседател на Руската федерација и Сулејман Демирел, премиер на Република Турција.

Ако добро ме служи помнењето пред неколку години на интернет се појави иницијатива за именување на две улици во Скопје и Софија на Жељу Желев и на Борис Трајковски. Првиот да добие улица во Скопје, а нашиот покоен претседател во Софија. Таа убава идеја така и не стана реалност за жал. Зошто? Не знам, но најверојатно некој нема интерес од тоа да најдеме барем една трошка што може да ги поврзе Македонија и Бугарија. А Желев и Трајковски не се трошки.

Желев заслужува да добие улица во Скопје. Верувам дека тоа еден ден ќе стане реалност. Не се многу луѓето во најновата историја на Македонија, кои лобирале истата да се етаблира како држава. Желев е токму тоа еден од најголемите лобисти на нашата земја, ако не и најголемиот. Но и покрај тоа малку се знае за неговиот лик и дело овде кај нас.

Не би било добро Желев да ја дочека судбината на Јаворов… да биде еден од најголемите пријатели на Македонија, а Македонците да не знаат речиси ништо за него. Ако за „заборавот“ на Јаворов, можеме да се „оправдаме“ со комунистите и поранешниот систем на едноумие, денес работите стојат далеку поинаку. Информацијата за делата на Желев поврзани со Македонија е лесно достапна и секој може да ја види, доволно е само да го праша „чичко Гугл“. Не живееме во време кога официјалната политика на државата е антибугарска, па да се смета за ерес повикот за едно симболично „Благодариме“ кон еден бугарски државник. Нема никаква причина, за тоа во градот Скопје во блиска иднина (после изборите) да не се појави улица што ќе го носи името на овој голем Бугарин и пријател на Македонија.

За малку ќе заборавев, ако веќе можеме да имаме улица Столтенбергова, именувана по таткото на сегашниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг или пак улица „Ѓуро Ѓаковиќ“ којашто го носи името на еден од основачите на Сојузот на комунистите на Југославија, мислам дека многу пологично ќе биде да се најде бар некое сокаче, ако веќе не е изводливо улица или булевар што да го носи името на д-р Желев.

Сосема за крај… Миленковите порнонационалисти нека не се плашат дека ако Скопје најде место за „ул Жељу Желев“, на некој „татар“ ќе му текне да побара и улица „Иван Михајлов“. Уште е рано за такви потреси, пренесете им да не се секираат.

Биографија на д-р Жељу Желев.

Автор: Атанас Величков



Слични Објави