ДА СЕ МЕНУВАМЕ, ДА НЕ МЕНУВААТ, ИЛИ КАКВИ СМЕ ТАКВИ СМЕ – НЕТОКМУ СМЕ!?

Штип, 2019, влез на некоја зграда…Двајца млади штипјани крвнички тепаат девојка, едниот тоа го снима, снимката излегува на социјалните мрежи…Згрозување, осуда, барање казни за насилниците. Под жестокиот притисок на јавноста, брза реакција, насилниците приведени, осудени на казна затвор (во меѓувреме поради ковид кризата пуштени на домашно издржување на казната, што е друг аспект на случајот….) Во меѓувреме, жртвата на нападот останува без својот родител, и се чини, ништо за неа не се менува на подобро поради тоа што случајот излезе во јавноста и доби судска разрешница….Веројатно не се смени ништо и за сите други слични случаи, кои остануваат неоткриени, затоа што жртвите не се осудуваат да пријават а насилниците се охрабруваат. Тука, околу нас се случува сето тоа, и не значи дека нешто се смени поради откриениот случај, кој ете сите ние го подзаборавивме….кучињата лаат, караванот…

loading...

Дали можеби институциите надлежни за борба против насилството од ваков вид сменија нешто, извлекоа поука, дали се поефикасни?

Штип 2020…стара жена оди по улиците…боса, дезориентирана, со рани по нозете. Млад човек ја забележува и решава да побара помош за да…ги алармира институциите, кај дел од нив добива стандарден одговор , парафразиран најчесто како „што можеме да направиме?“. Реагира директорот на болницата, и се пружа помош на жената, која се испоставува дека е некогашна директорка на гимназијата, професорка, која по објавите ја препознаваат бројни ученици кои со задоволство се присетуваат на неа…и се разбира, се чудат како таа можела да дојде во таква ситуација? Момчето кое и помага влегува заедно со други волонтери во нејзиниот дом, каде наидува на страшна и загрижувачка глетка – хаос на сите страни, неизмиени садови, расфрлано, нечисто…извор на секакви опасности од заболување. Волонтерите чистат, помагаат, и носат храна, сето тоа наидува на пофалби по објавите на социјалните мрежи…Во меѓувреме излегува и другиот дел од приказната, за тоа кој требало да ја чува и да се грижи за жената, кој не ја чувал, како, зошто…и нормално, секој со својата страна – ама ефектот е, дека жената останува сама и без грижа. Околу половина година подоцна, жената пак можете да ја видете по улиците, прашање е дали некој и помага, прашање е дали системот имаше решение за неа. Интересот траеше додека траеја и објавите за помошта од волонтерите. Се смени ли нешто кај институциите, се смени ли нешто и кај нас граѓаните? Кучињата лаат, караванот…..

Штип, 2020 (а можете да изберете и која било година….) Излегувате де се прошетате во природа, и решавате да се разодите кон Мирјанина црква, кон борчињата покрај патот кон Шашаварлија, да дишете чист воздух и да бидете во природа. По пат, има што да видите – на периферијата на градот, масакр врз шумата, дивоградби на сите страни, ѓубре (ако ви е потребна илустрација, слично на депонијата која се наоѓа на патот на заобиколницата над Битола). Субстандардни услови за живеење, куќарки направени само за да се фати место, струја и вода којзнае како приклучени…

loading...

Се охрабрувате да го поминете некако тој Твин пикс, радувајќи се на чистата природа која ве очекува на само километар-два…и што ве чека? Добивате впечаток дека сте дошле на депонија. Веднаш покрај асфалтниот пат, тони и тони ѓубре, шут, градежен отпад, кое не може до таму да се донесе со мала количка, мора со трактор или камион…внатре во шумата, меѓу борчињата кои некогаш одамна некој ги засадувал со желба тие да бидат белите дробови на градот, некој исфрлил илјадници употребени пластични пакувања за храна…ќе видите и стар кревет, душеци, облека… Снимате, фотографирате, објавувате на социјалните мрежи за да се пробуди свеста дека не треба да бидеме ѓубре кон природата, прашувајќи се „зошто“? Дали се луѓето толку идиоти или пак што некој им дозволува и не ги санкционира, виновен е тој некој друг? Дали после објавата и алармирањето, е казнет некој граѓанин што фрлал ѓубре таму, дали е контролиран некој возач на трактор или камион, дали се зголемени контролите? Кучињата лаат, караванот….



Има уште многу слични примери, кои покажуваат дека немаме функционален систем, кој нема да дозволи поединци да ги решаваат проблемите кои институциите треба не само да ги решаваат, туку и превенираат. Лесно е да се каже – треба една подлабока анализа зошто е тоа така, па немаат ингеренции институциите, па социјалниот мир е во прашање, па нема доволно инспектори…изговори безброј. А најверојатно е, дека сепак, тајната е во неработењето. Се додека бараме изговори за нашето неработење, ќе биде вака….караванот ќе врви, на штета на сите нас.

Автор: Тони Михаилов за Штипски глас