| |

Дали навистина д-р Христо Татарчев „не настрадал“ од Тито

Пишува: Владимир Перев

На 11 овој месец, во весникот “Нова Македонија“ можевме да ја прочитаме статијата на поранешниот директор и главен уредник на овој весник, Панде Колемишевски под наслов “Христо Татарчев не настрадал од Тито“. Колемишевски во статијата леко полемизира со бугарскиот публицист и член на БАН Спас Ташев, за натпис објавен во бугарскиот весник “Труд“ а преобјавен во “Трибуна.мк“. Без намера да учествуваме во “недоразбирањата“ меѓу двајцата автори за судбината на првиот председател на ВМОРО/ТМОРО д-р Христо Татарчев, а со оглед на тоа што во текстот на Колемишевски се споменува и Трибуна.мк, сметам дека треба да дадам одредени појаснувања, за да се надминат евентуалните недоразбирања кои призлегуваат од елегентно изречените полувистини на Колемишевски, кои потоа нѐ упатуваат на неточни изводи.

Насловот “…не настрадал од Тито“ е брутално подметнување на невистина преку факти кои треба да се докажуваат дополнително. Да, точно е дека Христо Татарчев не настрадал од Тито, но точно е и тоа дека никој не “настрадал“ од Тито. Зарем некој мисли дека оној мазен хрватски селанец со лик на гроф, со брилијантски прстен на раката, со часовник “Патек Филип“ и со претенциозен чибук, воопшто би можел да убие некого некогаш. Тито бил првак во мечување во некое австроунгарско време, учесник во Првата светска војна, ама го нашле врзан за некое дрво со турнати пантолони, така барем вели еден од неговите “биографи“, ортодоксниот комунист, Момчило Јокиќ. Потоа се предава на фронтот во Галиција, па оди во Русија, па станува воденичарски техничар, се жени и така натаму, без ниеден испукан куршум. Кога германците ги фаќаат на спиење титовите партизани на Дрвар, Тито буквално е фатен на спење со неговата љубовница Даворјанка, кукавички бега низ споредниот влез на пештерата, а на главниот влез се оставени неговиот внук од брат и “другарот“ Александар Ранковиќ, да го обезбедуваат бегството, со еден митралез и друго лесно оружје. Бега буквано по гаќи, бидејќи германците му ја заробуваат претенциозната маршалска, генералска ли униформа, сега тоа не е битно и ја прикажуваат како трофеј. Тој човек во животот кокошка не заклал, не го убил ни својот непријател Дража Михајловиќ, ама издал наредба за убиства на стотици илјади души. Да се сетиме само на Блајбург и трагичниот “Пат на Крстот“, па да ја разбереме сета монструозност на тиранинот.

Другиот тиранин, Сталин, од пиење немал време нито да здивне, туку само издавал наредби за ликвидација, а единствената акција во која учествувал, била некаков разбојнички грабеж на пари, кој завршил неуспешно. Се сомневам дека знаел и да пука.

Третиот тиранин, Адолф Хитлер бил човек од оружјето. Се борел во Првата светска војна, ги видел ужасите на војната и горчината на поразот, секогаш одел со својот “Валтер“ и единствено тој не се мислел да го употреби…го употебувал, но лично многу ретко. И нему други му ја вршеле работата.

Тито, Сталин и Хитлер во основа никого не убиле, убивале титовизмот, сталинизмот и нацизмот…тие се убијците на демократијата и на слободната човекова мисла. А во ресенско по 9 септември 1944 година се убиени повеќе луѓе од партизаните отколку за време на војната од бугарите и италијаните, а по војната има повеќе луѓе затворени во ТИТОВИТЕ казамати отколку за време на турското ропство…тоа се факти!

Подло е подметнувањето дека Христо Татарчев боледувал од некаква психијатриска болест. За тоа нема никаков документ, а од неговите писма и статии тоа не може да се види. Напротив, пишува до последниот миг, јасно и чисто. Неговата докторска дисертација е на тема на психичките заболувања на работниците во процесот на трудот, или така некако, но никако тоа не може да се поврзе со неговата личност.

Докторската дисертација на д-р Христо Татарчев (1869-1951)

Тоа се некакви ресенски муабети, наменети за девалвација на личноста на првиот председател на Организацијата.

Долготрајна и широка е револуционерната дејност на Христо Татарчев. Нормално е дека имало определнеи недоразбирања, а најважни биле неговите недоразбирања со Тодор Александров и Александар Протуѓеров. Татарчев отворено ги обвинувал заради нивното силно ангажирање за време на Првата светска војна на страната на Германија, затоа и заканите од овие двајца кон него се вистински и реални. Меѓутоа, судирот меѓу старите соборци е изгладен и Христо Татарчев се враќа од Италија во Бугарија на 18 февруари 1930 година, невознемируван од никого и во блиска корелација со Иван Михајлов. Сега приказната се менува, онака како што се менува историјата. Од 1934 година, д-р Христо Татарчев низ бугарските весници пишува апологетски, прогермански текстови со поддршка на Хитлер, во чие воздигнување тој гледа спас за поробената Македонија, ставена под српска и грчка окупација. Тој е еден од оние автори кои на директен начин ја оправдуваат Хитлеровата “Ноќ на долгите ножеви“, сметајќи на единството во германските воени редови. Сепак, треба да се напомене дека Татарчев е германски студент, воспитаник и нивни дипломец. Тоа најдобро се покажува за време на собитијата од 1900/1901 година кога дејците на ВМОРО се испратени на заточение во Подрум Кале. За време на процесот, само и единствено германската колонија од Солун, заедно со тамошниот германски конзул, отворено застануваат на страната на Татарчев и се борат за него.

Татарчев е близок со Иван Михајлов, но е личен пријател со Јордан Чкатров. Така, под влијание на Чкатров, тој во Торино во периодот од 1934 до 1936 година го пишува првиот том на своите спомени „ВМОРО като митологична и реална същност”. Се говори дека постои и втор том кој, наводно, се наоѓа во сопственост на Вида Боева, ама авторот на овие редови не верува во таква можност!?! Поточно речено, возможно е да постои и втор том, ама тој сигурно не е во “библиотеката“ на Вида Боева.

Во Македонија и во Бугарија веќе се расветлени сите агли и позиции на германската држава и нивното воено разузнавање, околу формирањето на некаква независна македонска држава, непосредно пред “падот“ на Бугарија на 9 септември 1944 година. Некаде во периодот од 5 до 7 септември 1944 година, Ванчо Михајлов, неговата сопруга Менча Карничева, преводачите Димитар Цилев и Христо Огњанов се во Скопје и ја разгледуваат можноста за формирање на држава. Старите комити и војводи, прекалени во борбите со турците и србите се главната разузнавачка опора на Михајлов. Тие тврдат дека сѐ е изгубено, народот тргнал во друга посока и дека мисијата ќе биде неуспешна. Ванчо отстапува. Лично имав разговор-интервју со еден од соработниците и преводачите на Михајлов, Христо Огњанов, каде што тој детално ја образложи ситуацијата. Интервјуто го добив благодарение на нашата заедничка пријателка, новинарката и публицистка Марија Киселинчева и тоа интервју под мое име беше обајвено во Фокус на Никола Младенов, (некаде во средината на 90-тите години на минатиот век) а нејзиното идентично на моето беше објавено во весникот “Pro & Anti“ во Софија. Таков беше договорот и тоа е прв и досега единствен текст идентично објавен истовремено во Скопје и Софија. Марија Киселинчева почина, но и двајцата бевме горди на подвигот, овозможен од двете редакции. Тоа и сега би било подвиг, уште поголем!

Овие факти имаат надополнување со нови сознанија. Имено, германската управа решила веднаш по одбивањето на Михајлов, истото да му го понуди и на Христо Татарчев, но и тој одбил. Му понудиле и соработници, неговите пријатели Васил Хаџикимов од Штип и Стефан Јанакиев Стефанов од Кратово, и двајцата блиски до Абвер и основачи на Бугарските акциони комитети. Одбиле и тие. Знаеле дека крајот на војната доаѓа, а со тоа и крајот на нивните илузии и желби за слободна Македонија. Единствениот присутен член на двете делегации, Менча Карничева била застапник дека македонска држава, по угледот на НДХ треба да се формира, па макар да трае само 24 часа. Никој не се согласил со неа, а во своите сеќавања Христо Огњанов шеговито забележува дека Менча, ако при рака го имала пиштолот кој стално го носела, Ванчо ќе бил застрелан во моментот кога одбил да ги прифати германските барања.

Голем број современи историчари кои се занимаваат со нашата, македонска Голгота, отворено говорат дека пропустот да се формира македонска држава, па макар и на 24 часа, па макар и “фашистичка“, бил пропуст предизвикан од политичката кусогледост на двајцата веќе подостарени лидери на ВМРО. Оваа теза многу често се среќава кај западните историчари, но и кај литвански, летонски и естонски автори. Може да се слушне и кај нас, но и во Софија, ама тоа се “кафеански муабети“…не пишува никој отворено, се молчи од вкоренетиот страв од еден тоталитеран режим кој ја уништил слободата на мислата и изразот. Стравот од Тито и Тато и одмаздата на нивните апологети и прислужници е уште голема, а сенката на Џугашвили ја дебне секоја слободна мисла на балканските пространства.

Колемишевски е прав кога вели дека Христо Татарчев“…како и во своите публицистички трудови, обраќања, говори и писма се изјаснува како македонски Бугарин и како борец за автономна Македонија, но и за постигнување на конечната цел – обединета Бугарија со Македонија во неа. Истото е присутно во сите книги, спомени, материјали и говори и кај другите познати ресенчани во бугарската политика Симеон Радев, Андреј Љапчев, Трајко Китанчев. За разлика од други места, во Ресен и во Преспа…“ Тоа е точно, поинаку ниту било, ниту можело да биде! Тоа е единствената целосна вистина во текстот.

Дека УДБ-а не отстапува од можностите кои и биле давани во Георгидимитровската Бугарија, да апси, проследува и убива, можеме да видиме и од книгата на Коста Поповски “Народе, стрпи се“, во која агенти на УДБ-а раскажуваат како се движеле низ територијата на Бугарија слободно и со помошта на бугарските служби ги апселе припадниците на ВМРО и ги носеле на судења во Македонија, а некои Бога ми, биле и ликвидирани по пат и закопувани во песочните меандри на Струма. Станува збор за луѓе кои се чувствувале бугари и помагале на бугарската власт, како нивен патриотски долг. Дали и ние ќе ги судиме оние кои помагаа на комунистичката и србоманска власт, сега, кога се виде одвратното лице на “комунистичката слобода и еднаквост.“?

Има уште една полувистина кон крајот на текстот, која обикновениот читател може да го доведе во заблуда, имено дека “…на неговото семејство и на неговите блиски од лозата, секогаш и од сите во градот се гледало со голема чест и почит.“

Тоа не е точно. Некои од семејството на Татарчеви биле поштедени од титовиот и теророт на Колишевски, но тоа го одминало неговиот внук од брат, познатиот лекар д-р Асен Татарчев. Тој не е било кој. Завршил медицина во Женева, бил личен пријател на Ванчо Михајлов, но по убедување бил франкофон и противник на влегувањето на Бугарија во Втората светска војна на страна на силите на Оската. За време на Првата светска војна, Татарчев е лекар-доброволец во бугарската армија, заробен од грците и одведен во логор за заробеници во Грција. Спасен е со силна намеса и влијание на француските и швајцарските дипломати во Солун. Нема никакво учество за време на Втората светска војна и е лекар-гинеколог во Битола. Уапсен е од комунистичката власт и во еден наместен процес, заедно со д-Владимир Туџаровски и Христо Светиев, осуден е на смрт, помилуван на 20 години и однесен да прави цигли во затворот во Идризово.

Напис во весникот „Македонска трибуна“ посветен на д-р Асен Татарчев (1893-1970)

По судирите “на пространствата на левиот лагер и Информбирото“ пак со влијание на француски и швајцарски дипломати, ослободен е од затвор некаде во 1951 година. За смртта на неговиот чичко Христо Татарчев разбира во Скопје, во хотел “Македонија“ преку телеграма која ја добива од Рим од посредник на Ванчо Михајлов.

Асен Татарчев е пријател со Димитар Митрев, кој е и негов бранител на судскиот процес. Телеграмата со веста за смртта на Христо му ја покажува на тогаш “семоќниот“ Митрев и овој вели дека ќе напише комеморативен текст во “Нова Македонија“. Утредента Митрев отворено му вели на Асен дека статија за Христо Татарчев не може да биде објавена бидејќи имало по силни од него, а тие забраниле -Лазар Колишевски, Лазар Мојсов и Мито Хаџивасилев-Јасмин. Толку од почитта кон семејството Татарчеви.

Службата за државна безбеност никогаш не престанала да го следи д-р Асен Татарчев и другите пријатели на Иван Михајлов, не заради тоа дека биле опасни за државата, туку само заради тоа дека се чувствувале како бугари. Тоа биле повеќето повозрасни луѓе, но пустиот страв дека може би некогаш на некој “ќе му текнело да прави македонска држава“ при променети меѓународни околности, ги држел под вечна присмотра. Ако се погледа книгата на Предраг Димитровски “Македонската лустрација“ во делот за “Ратко Попов“, де факто прилепчанецот Трајко Пајмаковски, може да се види неговата соработка со органите на УДБ-а, а може да се види и неговата задача да ги следи лицата, прилепчани, но и други: Методија Андонов-Ченто, адвокатот Рампо Перев (мојот татко), д-р Асен Татарчев кој тогаш живее во Прилеп и ред лица од фамилиите Матракоски, Шереметко, Волнароски, Карадак, Борис Колев и други. Тоа е вистината за таа власт, но ете, и тоа не помогна, држава сепак се направи. Не е баш најдобрата, ама сепак е подобра од гнилата Титова Југославија, целата облеана со крв.

Конечно, д-р Христо Татарчев не настрадал од Тито. Тој, како и многу други, настрада од титовизмот, некои во Бугарија од димитровизмот и живковизмот, сите тие -изми, наследници на сталинизмот и хитлеризмот. Сите со огромна доза безчовечност, сите со нацизам во себе си, како метода за пресметка со неистомислениците. И за сето тоа, не се виновни ни Хитлер, ни Сталин, ни Тито, а најмалку оној пијаница Димитров…виновни сме сите ние. Не само тогаш, и сега виновни сме сите ние за тоа што еден шизофреник и малоумник руши држава и цел свет, виновни сме за Путинизмот во нашите редови. Бугарија како поголема од нас, повеќе е виновна, па затоа и цената која ќе ја плати во иднина, ќе биде поголема. Времето, тој страшен судија, тоа жестоко ќе ни го каже, објасни и наплати!

Слични Објави