| |

Судир на ВМРО-ДПМНЕ со Западот, уште еднаш

Пишува: Проф. д-р Денко Малески/ Либертас

Како да и е судено на партијата на македонските националисти постојано да се судира со Западот наспроти декларираните позиции за сојузништво. Оти како што велат Американците talk the talk and walk the walk (Кажи што имаш да кажеш и изоди го патот до целта). Тоа е израз кој се употребува за некој кој треба да дејствува во согласност со она што го зборува. Во текстот кој сум го објавил некаде пред десетина години Груевски и неговото ВМРО-ДПМНЕ се спротиставуваат на советот на Западот да не одат на уште едни предвремени избори. Владеачката партија, сепак, се одлучува за спротивното независно од мислењето на сојузниците, и тоа со кревање на патриотските чувства на населението против Западот кој сенешто „не парчи и не дели“. Тогаш бевме во спор за минатото со Грција. Еве делови од колумната во која напишав:

„ …Заборавете ја домашната пропаганда. САД, Велика Британија и ЕЗ се земјите што најмногу вложија во нашата безбедност и во нашата независност на почетокот од деведесеттите. За македонската модерна држава со право може да се рече дека е родена во Европа со пресудна поддршка од Вашингтон и Брисел, заради нашите европски политики во текот на војните во Југославија.Тој ноторен факт никако да го признаеме. Воспитувани дека големите сили се, всушност,историски виновници за сите наши несреќи, постојано се враќаме во минатото и, да го парафразирам Сартр, упорно ги гнетиме живите души на нашите деца во мртвите кожи на нашите претци. Никогаш, имено, не се потрудивме да ја осмислиме иднината или да ја разбереме реалната меѓународна политика: анархичната структура на меѓународното општество на држави раководени од своите интереси поткрепени од нивната моќ. Никогаш не се потрудивме да го разбереме фактот дека и другите народи и другите држави имаат свои проблеми, а големите сили и големи проблеми. Со стереотипи длабоко забиени во нашите мозоци, каков што е оној за западните сили кои сенешто „не парчат и не делат“, не се ни обидуваме да го разбереме новото време и вредностите кои стојат зад моќта на САД и ЕУ. На таквата ментална човечка подлога, шефот на владеачката македонска партија (Груевски) може да се обиде да го одигра последниот чин на драмата што самиот ја пишува: отпор на притисокот од Западот заради изборна поддршка дома. Со таквата негова политика Македонија ќе се доближи до фамозното „украинско сценарио“ со кое поделбите од врвот ќе се пренесат долу во општеството.Во такви околности можно е и насилство и страдање на населението, но можна е и интервенција на НАТО. Вреди да се имаат овие факти пред очи, кога раководството на ВМРО-ДПМНЕ ќе седне да ја донесе конечната одлука дали самите ќе тргнат против сите и дали во таа бездна ќе го повлечат и народот“.

Тоа, меѓу другото го напишав тогаш. Денес сме во спор за минатото со Бугарија. Сите знаеме што му се случи на Груевски кој од таа конфронтација со Западот излезе губитник. Што ќе му се случи на новиот претседател на истата партија Мицкоски, останува да се види. Мислам дека ниту еден поранешен претседател на ВМРО-ДПМНЕ не водел таква жестока анти-западна кампања како сегашниот. Оти, од моментот кога под притисок на Брисел и на Вашингтон беше симнато бугарското вето и беше заменето со „францускиот предлог“, веќе не може да се зборува за бугарски туку само за европско-американски диктат.

Тоа не го крие ниту високиот американски дипломат О’Брајан кој, на двапати, во кус рок доаѓа во Скопје и инсистира предлогот да се прифати. Одговорот на високи претставници на партијата ВМРО-ДПМНЕ е тотално инфантилен: „Кој е тој да ни кажува што ние да правиме“, „Ние сме суверена држава“, „Ние ја изразуваме вољата на македонскиот народ“, „Продавачот на коли нека си ја гледа работата“, „Ова е недозволено поведение кое личи на она од Студената војна“, „Никогаш, додека сум јас претседател нема да се усвојат уставните амандмани под бугарски диктат“…

Како ќе одговори Америка на оваа тврдоглавост на Мицкоски не може да се знае. Си имаат тие и поголеми главоболки од Македонија, какви што се можна Трета светска војна, ширење на конфликтот на Блискиот исток или Трамп анте портас. Но, Македонија во ЕУ преку „францускиот предлог“ е Западната стратегија за земја која, еве веќе триесет години, не се движи кон ЕУ туку само стои на тој пат и претставува опасност по сообраќајот.Ако посегнат по италијанското повоено сценарио, Западот ќе направи кордон околу ВМРО-ДПМНЕ за да не формира влада или за воопшто да не биде дел од владата, поддржувајќи ја коалицијата која е за уставни промени.

Ако се оствари ставот на албанските партии цврсто да застанат зад Западот, и при максимална победа на ВМРО-ДПМНЕ, ситуацијата ќе произведе политичка криза без Албанците во власта. Ако на ова се додадат СДСМ и помалите партии, кризата ќе се продлабочи и политичкиот систем на земјата може да заличи на оној од четвртатата француска република кога максималниот век на една влада бил 8 месеци. Сето ова неизбежно ќе се пренесе и на меѓуетничките односи и сериозно да ги влоши. Но, во такви услови на долготрајна криза може да почне да се менува и расположението кај Македонците и да опаѓа националистичката грозница за нивната загрозеност во прилог на западниот предлог за промена на уставот. Зашто, кога големите сили ќе застанат зад еден предлог, тие го губат кредибилитетот ако ја сменат политиката заради една партија која им ги расипува плановите за евроинтеграција на РС Македонија во ЕУ.

Отсуството на талент за стратешко мислење е наша генерална маана ама ВМРО-ДПМНЕ е шампион. Како баш ништо да не разбираат од меѓународна политика. Преку изјави и на дипломатски начин О Брајан му вели на Мицкоски дека мора да го обелодени својот план за ревизија на „францускиот предлог“и да објасни како ќе го спроведе и со кого ќе го испреговара. Мицковски, пак, не разбира дека тој со кој што треба да се преговара седи карши него и му вели дека нема да има такви репреговарања.

Слични Објави