ДАМЈАНОВСКИ: УМЕТНОСТА ЗАЕДНО СО ФИЛОЗОФИЈАТА СЕ ПРВИТЕ КОИ ГИ АНТИЦИПИРААТ ПРОМЕНИТЕ ВО ОПШТЕСТВОТО

Деан Дамјановски е еден од најпознатите македонски режисери чија работа често пати била потенцирана со домашни и меѓународни признанија. Во моментов Дамјановски работи како режисер во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ и е залужен за голем број на претстави кои се одржале токму на сцената на велешкиот театар, но и другите театарски куќи низ цела Македонија.

Со однос на општествените промени кои се предизвикани од модусот што го избраа глобалните организации и национални влади во соработка со научните одговори на епидемијата предизвикана со КОВИД19, важна ни беше перцепцијата на уметникот кон општествените промени. Особено значајна претпоставка беше, улогата на уметникот во справување со општествените промени и понуда на нова семиологија и значење на сите појави кои се за нас нови и неоткриени. Велат дека, кризата ја стимулира продукцијата и уметноста, бидејќи уметникот е секогаш првата фронтална линија при пречекување на промените и кризата.

Како реномиран интелектуалец, искусен во својата работа, признат и познат за македонската јавност, режисерот Деан Дамјановски го прашавме неколку прашања кои се поврзани токму со режисерската професија и односот кон промените и општествените кризи.

  1. Како режисер ја имате задачата да ги синхронизирате сите поединечни акти во една целина што се нарекува театарска претстава. Вашата работа е мост помеѓу сценариото и начинот на негово интерпретирање и изведување. До која мера ликот и улогата се заслуга на режисерот и од каде почнува актерската слобода на интернализација и пренесување на ликот?

Дамјановски: Голем дел од театарската работа, а особено од работата на режисерот е комуникацијата. Комуникација помеѓу претставата и гледачот, меѓу актерот и гледачот, меѓу актерите, меѓу одделните соработници на претставата и тн. Режисерот на претставата има задача да создаде „јазик“, со помош на кој, од една страна, ќе се комуницира внатре во екипата која ја создава претставата (со сценограф, костимограф, композитор, актери и други соработници), а од друга, претставата ќе комуницира со гледачот. Режисерот користи разни јазични стратегии за да ја доближи својата замисла до соработниците меѓу кои и до актерот. Тие стратегии вклучуваат користење симболички јазик, метафори, невербални знаци, за да го „зарази“ актерот со својата замисла за претставата.

Местото каде режисерот и актерот се наоѓаат во комуникацијата е ликот. Режисерот се обидува да го пренесе ликот, зададен од драмскиот автор и збогатен со неговата режисерска замисла, на актерот, користејќи соодветен „јазик“. И се разбира, како и кај секој јазик, тој е подложен на интерпретација, па така, секој од чинителите на претставата, вклучително и актерите, си создаваат своја интерпретација, па актерот е слободен да го интерпретира ликот, се‘ додека се наоѓа во јазичниот систем создаден од режисерот.

  1. Апропо првото прашање и односот на режисерот и актерот кон ликот и улогата, кој треба да го познава подобро ликот и улогата – режисерот или актерот?

Дамјановски: Да се надоврзам на погорното, режисерот, тргнувајќи од драмскиот автор, го дава „јазикот“ на ликот, со неговата граматика, синтакса, морфологија, а на актерот останува, што ќе прави со него и како ќе го доживее и претстави ликот.

  1. При режирање на театарска претстава од што се водите? Од интересот на публиката или од внатрешните елементи на сценариото и темата?

Дамјановски: Веројатно изборот на материјал е важен. Во мојата работа често ми се случувало да имам драмски текстови кои долго време сум сакал да ги поставам на сцена и кога конечно ќе дојде до тоа да сфатам дека возбудата веќе не е таа како на почетокот и дека она кое ме поврзувало со текстот, веќе го нема или никогаш и не било таму.

Исто така, се случувало да добијам или да ми биде препорачан текст со кој, на прв поглед, сме немале допирни точки, но кога ќе почнам да работам на него, да сфатам дека сум направил добар избор. Јас лично се водам од тоа да наоѓам некоја возбуда или идентификација со она што го работам, но не губејќи ја од вид ниту темата, ниту публиката, а секако не и екипата со која работам.

(Целото интервју со Деан Дамјановски прочитајте го на www.mojzbor.com)