ДАВЕНИКОТ… ТЕ ДАВИ!

Толку сме навикнати на клима на избори во нашата држава што речиси можеме да воведеме и петто годишно време: пролет, лето, есен, избори, зима! Изборите не знаат за ред или годишно доба, како ќе му дојде, така. Стигнавме дотаму да се прашуваме како би ни било ако нема избори. Изборите ни станаа modus vivendi.

Е, сега, последниве малку влегоа и во месец мај, па фативме нешто и од пролетната еуфорија. Во вториот круг успеавме да добиеме претседател. Господин Пендаровски, претседател на Република Северна Македонија! Иако бев за Река, со задоволство му ја честитамновата функција на г. Пендаровски.
Титулата и канцеларијата му се големи, а така мора да биде бидејќи е Претседател. Но, ајде, да се осврнеме на вистината и поуките од овие избори.
Барометарот кој што ги одмеруваше партиските сили покажа јасен и лесно читлив резултат!

Прво, отсекогаш сум ги сметал за одвоени, а ќе продолжам така да постапувам и да мислам дека ако СДСМ ја слави победата на својот претседателски кандидат, ДУИ не треба да присуствува на таа веселба. Оваа партија има еден сигурен избор, да се подготви за големото заминување! Нејзината моќ го зема последниот здив, да не речам веќе е во агонија и очајнички се бори за свое место под Сонцето! А упорно не го прифаќа својот залез. Или, пак, немо го гледа залезот, а се однесува како хоризонтот допрва да се појавува. 
Ама, ДУИ конечно се симнува од Олимп!

Се чини како епски наслов, ама, пак, партијата е толку долго на власт, што, за жал, стана симбол на мрачната историја на нашата земја. Одговорна е за заминувањето на стотици и илјадници луѓе, за сиромаштијата која не напушта многу домови …
Одговорна е за страдањето на многумина токму поради нејзината неправедна власт. Ама, врхушката на ДУИ, наоѓајќи се во удобството на своите луксузни вили, има миопија, па не може да дофрли и да ги разбере маките и очајот на овие луѓе. 
Само едно возило помалку и ќе се овозможеше лекување на стотици деца и илјадници пациенти, кои оваа сиромашна држава не може да ги заштити! Определени моќници се возат со автомобили кои што чинат колку операцијата на децата кои што се оставени на немилоста што ја наметнуваат аномалиите на системот!

Некои функционери ги заземаат првите места на листата на непожелни ликови, што гласот на народот токму поради нив беше на работ остро да го казни владиниот сојуз. Тоа е тој парадокс за којшто постојано зборувам, не само јас, туку и многумина во ова општество. Но, пред сѐ, граѓаните, кои што точно знаат што се случува. И не сакаат да го премолчат тој факт.

СДСМ јасно сфати дека има пад на бројот на гласачи, се разбира, поради тоа што до себе држи една веќе еродирана партија, еден декомпозит, кој што претставува висок ризик од контаминација за секого кој седи близу него.

Ја претставувам опозицијата, но анализава ја правам како граѓанин на државата, како лекар чија професионална навика е да се грижи за здравјето на луѓето и сака да ги види излечени. Но, и како човек кој мора да укаже што е она што ја предзвикува болката.

Ама, пак, лекарот никогаш не може да преземе дејство без пациентот да му каже што чувствува, каде боли, што го прави немоќен и истоштен.

Драги мои, на овие избори зборуваше народот! Зборуваа многу Македонци, Албанци, Турци, Власи, Бошњаци, Роми, Еѓипќани, Срби, секој оној што припаѓа на ова тло и сите што се под истото небо.
Со своето учество, а и неучество, народот покажа дека не се чувствува добро! А тоа требаше да се знае. Молчешкум работите не одат на подобро.

Земјава сѐ повеќе ги губи своите луѓе! Тие заминуваат оттука, избирајќи други држави! Зошто?! Затоа што не можат да ѝ веруваат на Влада која во свој состав ги има оние што ги измамиле! А и ветувале брда и планини. Ниту денес, ниту кога било народот ќе разбере зошто ВМРО на Груевски падна од власт, а ДУИ, нејзиниот единствен и близок партнер, се амнестира! И продолжува да царува.

Брзата оценка ќе те натера да помислиш дека цената за управување на Заев со државата беше „сојузот“ со ДУИ. Но, ајде, се случи тоа што се случи, ама сега СДСМ го доби првиот аларм од народот! Народот сфати, чекаше да реагира Заев, тој тоа не го стори, ама реагираа луѓето! А тоа е најсилниот глас.

Гласањето беше сигнал, јасно предупредување, дека ако СДСМ продолжи да ја брани ДУИ со власт, ќе ѝ се пресуди на парламентарните избори. Баш тогаш ќе треба да ги подготват куферите бидејќи ДУИ ќе ги повлече со себе! КОН ДНОТО!
Исто како во онаа народната: ДАВЕНИКОТ ТЕ ДАВИ! Лесно може да разбереме кој е тука давеникот, а кој ризикува да се удави!

Затоа, редно е СДСМ да преземе конкретни мерки и да ги симне од палуба патниците кои навикнале да фрлаат другари на отворено море, само за да останат на власт!
Ова е, ми се чини, последна прилика за владиниот кабинет и премиерот да реагираат, а заедно со нив и сите ние! А во сета таа битка, празнината ќе ни биде поподнослива и полесно ќе ја совладаме едни со други.

Автор: Д-р Арбен Таравари, градоначалник на Општина Гостивар