ДЕБАТА ВО ЛЕКАРСКА КОМОРА: КОВИД – 19 СЕРИОЗНА ЗАКАНА ЗА ДИЈАБЕТИЧАРИТЕ

//

Ковид – 19 сериозно ги засега дијабетичарите бидејќи тие иако не се разболуваат почесто во споредба со општата популација сепак, во случај на инфекција, развиваат потешки форми на болеста кои може да завршат и со смртен исход. Кај пациенти со дијабетес кои се инфицирани со Sars-CoV-2 неопходно е почесто да се контролира нивото на шеќер во крвта, гликемиската терапија да се прилагодува на дневна база и пристапот во лекувањето да биде во зависност од тежината на болеста. Ова се препораките кои проф. д-р Татјана Миленковиќ од ЈЗУ Клиника за ендокринологија, дијабетес и болести на метаболизмот ги сподели на неделната он-лајн дебата која ја организира Лекарската комора на РСМ, а овој пат беше на тема „Ковид-19 и дијабетес“.

Пациентите со белодробна опструктивна болест, дијабетес, хипертензија и малигни тумори имаат значително поголем ризик за тешка форма на болеста ковид – 19. “Во секојдневната пракса и соочување со овие пациенти гледаме и дека колку е поголем број на коморбидитети толку се поголеми и шансите за да дојде до компликации и фатален исход“, изјави проф. д-р Миленковиќ.

Таа потенцира и дека направени студии потврдуваат дека дијабетесот е навистина голем ризик фактор за морталитет од ковид – 19.

„Голема национална студија во Кина покажала дека морталитетот на пациенти со дијабетес бил 10 проценти, додека кај пациенти без дијабетес 2.5 проценти. Кинескиот центар за контрола и превенција на болести изјави дека пациентите без коморбидитети имаат стапка на морталитет 0.9%, додека кај пациентите со дијабетес стапката на морталитет е 7.3%“, објасни проф. д-р Миленковиќ.

Луѓето со дијабетес имаат зголемен ризик за компликации од ковид-19 и фатален исход поради повеќе причини меѓу кои и тоа што имаат дефекти во имунитетот, имаат зголемен ризик за тешки инфекции поради зголеменoто ниво на цитокини, а инфекцијата со ковид-19 ја зголемува состојбата на инсулинска резистенција кај дијабетесот.

„Целокупната смртност од ковид-19 е поголема кај луѓето со дијабетес тип 1 во споредба со дијабетес тип 2. Главните ризик фактори кај пациенти со дијабетес тип 1 за полош клинички исход на инфекција со вирусот се пациенти постари од 50 години, долго траење на дијабетесот, голема преваленца на придружни заболувања. Забележана е поголема зачестеност на дијабетесна кетоацидоза кај деца и адолесценти со новоткриен тип 1 дијабетес за време на ковид-19, но инциденца е иста во споредба со претходните години во истиот временски период што се претпоставува дека покажува дека ковид – 19 не ги зголемува шансите за појава на тип 1 дијабетес, само ја влошува прогнозата за лекувањето“, објаснува проф. д-р Миленковиќ.



На лошата состојба на пациентите со дијабетес влијае и тоа што долго време се во домашен карантин, не се подложни на редовни контроли што дополнително го влошува дијабетесот и допрва ќе се гледаат негативните последици од тоа, а и стресот и паника која ја чувствуваат негативно влијае на регулацијата на шеќерот.

Иако не постојат доволно докази за медицина базирана на докази за ковид-19 третман кај луѓе со дијабетес, сепак постојат препораки. За лесни и умерени помлади пациенти со ковид-19, треба да се држи строга / тесна гликемиска контрола (4.4-6.1 гликемија на гладно и 6.1-7.8 после оброк). За лесни и умерени стари пациенти или пациенти на гликокортикоиди, потребна е пониско или средно ниво на гликемиска контрола ( 6.1 -7.8 кликемија на гладно и 7.8-10 после оброк). За тешки и критични пациенти, постари пациенти, пациенти кои не поднесуваат хипогликемии или пациенти со сериозни кардиоваскуларни и цереброваскуларни заболувања, потребно е да се одржува ниско ниво на гликемиска контрола (7.8-10.0 на гладно и 7.8-13.9 после оброк).

Проф. д-р Миленковиќ појасни дека точно се знае кои од препаратите за лекување на дијабетесот може да се даваат на дијабетичарите со ковид-19, а кои може да ја влошат состојбата и треба да се одбегнуваат. Какво ќе биде лекувањето зависи од тежината на болеста и од видот на дијабетот.

“Гликемиската контрола мора да се оптимизира, особено кај хоспитализирани пациенти со дијабетес, потребно е често прилагодување на терапијата. Метформинот може да се користи кај лесни случаи со ковид-19 сѐ додека кислородната сатурација е добра, но ако таа намалува лекот треба веднаш да се прекине и да се премине на инсулин. Инсулинот се преферира како најмоќно средство за контрола на гликемијата и кај некритични пациенти се дава поткожно, додека кај критични пациенти со сериозно нарушување на гликемијата, дехидратација и електролитен дисбаланс инсулинот се дава инстравенски со интензивна инфузија на течности“, изјави проф.д-р Миленковиќ.

„Ковид и дијабетес“ беше 12-та по ред он – лајн дебата, на која лекарите од различни нивоа на здравствениот систем имаа можност да разменат искуства и најнови информации околу третманот на пациентите инфицирани со пандемискиот вирус.

Претходна статија

ПРВИ ВНАТРЕПАРТИСКИ ИЗБОРИ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА СДСМ

Следна статија

(ВИДЕО) ПРЕСЕЧЕН МЕЃУНАРОДЕН КАНАЛ ЗА ТРГОВИЈА СО ДРОГА

Најново од Вести