Деница Малчева крунисана за 58-ма Царица Роза во Казанлак
Со свечена церемонија насловена „Убавина и величие“, што се одржа на 5 јуни, на плоштадот „Севтополис“ во Казанлак, Деница Малчева беше крунисана за 58-ма Царица Роза. Настанот, кој преку песна и танц ја раскажа приказната за познатата бугарска роза, го означи почетокот на главните настани од 123-то издание на Празникот на розата, јавува БТА.
Градоначалничката Галина Стојанова ѝ ја предаде круната на новата Царица Роза, повикувајќи ја достоинствено да ја претставува Долината на розите, Казанлак и Бугарија во светот.
Деница Малчева вети дека ќе ја носи круната со чест и одговорност и посака долината да продолжи да цвета, а срцата на луѓето да бидат исполнети со љубов. Таа и нејзините придружнички, Јоана Мицева и Анџела Иванова, им го честитаа празникот на граѓаните.
На свеченоста присуствуваа претставници на Бугарската православна црква, локалната и државната власт и други официјални гости.
Церемонијата заврши со 3Д мапинг спектаклот „Магијата на розата“, проектиран на фасадата на хотелот „Казанлак“, и со свечен огномет, по што следуваше шоу-програмата „Танцувачките рози – мост меѓу културите“.
