ДЕПОЛИТИЗАЦИЈА НА ДРЖАВАТА – САМО СО ОТВОРЕНИ ИЗБОРНИ ЛИСТИ !
Деновиве слушам како политичари и правници го критикуваат сегашниот државен систем, во кој државата е сосема политизирана а партиите на власт по изборната победа го делеле државниот колач со поставување на партиски луѓе на чело на државните институции и јавни претпријатија. Се жалаат дека тие што ги контролираат партиите на власт на овој начин ја контролираат и целата држава, а најжално е што велат дека не гледаат решение како ова да се смени, и дека партиите оваа поделба на државниот колач ја сметаат за некое свое усвоено право. Ги жалаaт граѓаните дека тие треба да се најважни во државата – а партиите нив ги искористуваат и манипулираат на изборите. Јас не можам да разберам како зрели и интелегентни луѓе сѐ уште не ја дознаа причината за сите зла во системот на државата – затворените изборни листи, и дека сите тие зла едноставно се решаваат со еден радикален чекор во нашето изборно законодавство – воведување на отворените изборни листи. Не случајно ДПМНЕ и ДУИ бегаат од ова како ѓавол од крст, а СДСМ признава дека тоа е решението, ама бара консензус – за да не се оствари.
Стара вистина е дека за да се дојде до решението на некој проблем – треба да се открие причината на проблемот, и тогаш решението на проблемот само се открива и наметнува. Со многу едноставна логика се доаѓа до причината на сите големи проблеми и зла во Македонија: целиот државен раководен систем и менаџмент го поставуваат партиите кои ќе победат на изборите, тие партии се под апсолутна контрола на нивните лидери, кои не само што ги поставуваат претседателите на основните партиски ограноци низ државата и ги поставуваат членовите на највисоките партиски тела, туку ги составуваат и изборните пратенички листи по лична желба и интерес. Ова е класичен модел за воспоставување на заробена држава – изборен систем со затворени изборни листи, и ако тоа е вистинската причина на сите големи проблеми и зла во Македонија решението само се открива и наметнува – промена на изборниот модел и воведување на отворените изборни листи. Не биле будали најразвиените земји во светот што одамна го согледале овој проблем и ги вовеле отворените изборни листи, и не е случајно што во овие држави има највисок степен на демократија, најслободен и најубав живот, и што нивните економии постојано одат нагоре, со висок животен стандард. Со отворените листи моќта на изборот е кај граѓаните, не кај лидерите на партиите, а граѓаните секако ќе работат за сопствено добро и во сопствена корист, што значи и во корист на целата држава, а не во корист на лидерите на партиите и на мафијашите кои ги подржуваат и штитат лидерите.
Ме радува тоа што во Македонија полека но сигурно се менува свеста на граѓаните, тие се повеќе стануваат свесни дека трите најголеми партии ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ се најголемото зло во Македонија денес, дека тие ја инсталираа заробената држава, ја политизираа државата и ја надуваа државната администрација, и немаат намера да ги ослободат граѓаните од тој баласт. Тие сакаат и понатаму да ги манипулираат граѓаните и, како навивачки групи, да ги хушкаат едни против други, но се повеќе луѓе ја прочитаа таа игра и веќе не паѓаат на неа. Граѓаните се повеќе го согледуваат фактот дека затворените изборни листи се главната причина за најголемите зла во државата, а скоро сите помали партии се залагаат за итно воведување на отворените листи, за средување на државата и подобрување на животот во Македонија. Радува и тоа што се повеќе чесни членови и симпатизери на трите најголеми партии се освестуваат за тоа што се случува во нивните партии и во државата, дека со нивните партии раководат клиентелисти и криминалци, па им го вртат грбот на тие партии и на следните избори ќе ги подржат помалите партии кои се залагаат за отворени листи и средување на државата. Уште повеќе радува што неопределените граѓани, кои и до сега не гледаа перспектива во големите партии, се повеќе ги поддржуваат отворените изборни листи и малите партии кои нив ги промовираат. Изгледа сепак дека секое лошо е за добро, и дека требаше ситуацијата во Македонија да дојде до овој степен лошо за граѓаните на Македонија да се освестат и сфатат што прават политичарите со помош на затворените листи, па да се насочат кон излезот и решавањето на најголемите проблеми – со воведување на отворените изборни листи.
Сега се е на мегдан и се гледа, а најболното оружје против заробената држава и мафијашкото владеење во Македонија е во рацете на граѓаните – пенкалото и изборниот глас. Сега е моментот да не се падне на убавите зборови и ветувања на најголемите три партии, на таа научно заснована манипулација со чувствата на граѓаните и на перењето на нивните мозоци. Треба да се има постојано пред очи решението на најголемите зла во Македонија – воведувањето на отворените изборни листи, на изборите да се гласа за партиите кои ова го нудат – и најголемите проблеми за кратко време ќе се решат, во корист на граѓаните. На граѓаните им е доста од збунетост, неинформираност и лажење, и сакаат преку воведување на отворените листи – преку изборите да дојдат до сопствениот авторитет, самопочит и достоинство, кои секако одамна ги заслужуваат. Еве ја можноста која се нуди на предвремените парламентарни избори во април, и која граѓаните треба и мора да ја искористат.
Автор: Елизабета Најдоска Величкова

