„БЕСКОМПРОМИСНИОТ“ МИЦКО ВОЈВОДА И НЕГОВАТА „ПРОЕВРОПСКА“ ДРУЖИНА

Не му е лесно на Мицко војвода, избори се ближат, а тој не може како еден Постољ војвода од филмот „Мера според мера“ да викне војводски: „Некој од вас, ја издадел мојата чета, мислејте скоро кој е, мислејте кој е, инак оваа вечер, малечко и големо, женско и м’шко… сатар!!! Сатар!!!“

Издајници низ земјата македонска дал Господ. По предавство пропаднале не една или две револуции и баш поради тоа едни паметни глави се потрудија да ни ја вбризгаат идејата дека ние не чиниме и генот ни е предавнички. Ние не можеме да имаме иста цел, ние мораме да бидеме поделени, на патриоти и предавници до вчера, а во последно време и на Македонци (никогаш Северна) и Северџани.

Би сакал да го прашам Мицко војвода, дали е подготвен да направи компромис со Северџаните? Сепак ги точи забите да станува премиер, а како премиер ќе треба да го бере и нивното гајле.

Синоќа сите видовме дека „бугарскиот“ договор и не бил толку лош, имало и нешто позитивно во него.

Денеска разбравме дека проблем е рамковната позиција на бугарската влада, во која што јасно е наведено дека Бугарија не признава постоење на македонски јазик, различен од бугарскиот. Во истата таа рамковна позиција стои дека во јасна временска рамка треба да се постигне договор за важните настани и личности од заедничката историја до 1944 г.

Овде „војводо“, проблем не е само каков бил и за што се борел Гоце Делчев, тука проблем за македонскиот порнонационализам ќе биде и вистината за сите останати знајни и незнајни комити и војводи. Тие што работеле за интересите на Грција и Србија ги нарекувале „гркомани“ и „србомани“. Никој не ги нарекувал припадниците на Егзархијата „бугараши“. Знаете зошто нели? Вие сте паметен човек, знаете со кого треба да се посоветувате, за да ја осознаете вистината. А таа е едноставна и за истата пишуваше вашиот сопартиец покојниот историчар Зоран Тодоровски. Погледнете ги неговите дела војводо, ако да речеме делата на Цочо Биљарски ви се ептен хард кор за читање.

Да не должам војводо…

Велиш пред колешката од „Алфа“, дека си зборел со бате Бојко за гранични премини, за соработки на универзитети, за пругата, за „Клепало“. Убаво си зборнал, ама кај беше да зборнеш кога му беше советник на Груевски, да се средат работите со Бугарија? Тогаш Бугарија не беше на дневен ред, требаше адути на Грците да се дават дека со право не блокирале во Букурешт 2008 нели? Кој ги вртеше тогаш Бугарите. Тие се лесна мета. Сега некако кисело ви доаѓа а? А имавте 10 години и поубав договор да смислите и „Клепало“ 5 пати да го отворите. Ама ништо.

Ете сеа војводо, ко ќе станеш премиер, се ќе средиш, оти нели ти, Тимчо, Влатче и Аце Николоски сте познати по својата проевропска ориентација. Кога ќе ги засукате ракавите после 12 април, има и пругата да ја направите и Гоце да не го дадете. Вин вин, ти текнува ли војводо, ем Бугарите татари и фашисти, ем ни го чуваат грбот и се залагаат да влеземе во ЕУ. Опаа не иде така. Треба да се направи компромис, не, не треба да се прават никакви компромиси, едноставно треба да им се каже вистината на луѓето. Оти додека ги храните со лаги за Гоце, Даме, Тодор и Ванчо, вие се прејадовте со власт. Вие и вашите демек ривали- комуњарите. Иста сорта сте. Немате јајца да им ја кажете вистината на граѓаните. Онака војводски, како Постољ војвода од Ениџевардарско.

Автор: Атанас Величков