ФАКТИТЕ СЕ ФАКТИ

Бурните реакции после средбата Борисов-Мицкоски само ме потсетија дека има потреба од мала ретроспектива на тоа како се одвиваа македонско-бугарските односи, како и каква е улогата на СДСМ и ДПМНЕ и тоа како после официјални средби на македонски лидери на опозицијата и нивниот пријателски однос кон бугарскиот премиер, им ја отвара вратата кон европската поддршка и премиерскиот стол.

Да не забораваме дека точно ВМРО-ДПМНЕ и Владата водена од Георгиевски, во чиј состав беше и претходниот премиер Груевски, потпишаа декларација, која стана основа за потпишување на Договорот за добрососедство од страна на СДСМ. Повеќе од јасно е дека и двете партии со конкретни дејствија, обврзувачки декларации и договори учествуваа дирекно во македонско-бугарските состојби, декларативните пораки од Заев и Мицкоски се повеќе од јасни и искрено невоспитано е кога некој од нив или нивните поддржувачи обвинуваат некого во бугарофилство или не знам што, бидејќи тие не се бугарофили по зборови, тие се бугарофили со тапија, потпишана од нив како премиери или лидери на најголемите партии.

Имам мала забелешка до г. Мицкоски, бугарскиот не е толку тежок јазик, може да се потруди повеќе, бидејќи Заев тука е во предност го лафи-говори многу подобро.
И пред дежурните „патриоти” на тастатура да го нападнат ова мое писание, само да ги потсетам на факти од минатото.

Гергиевски имаше силна комуникација како опозиционер со Иван Костов, бугарскиот премиер и факт е дека потоа тој стана премиер на Македонија. Заев, единствената официјална посета кај премиер на друга држава, како лидер на опозицијата, ако сте заборавиле ја направи во Софија кај Борисов и започна со неколку изјави како онаа „ние сме братски народ-сашти народ“. Сега Мицкоски јасно декларира близина со Борисов, се укажа дека Борисов лично го познава пола раководство на ВМРО-ДПМНЕ и следеше пријателска изјава од Мицкоски дека е подготвен да поддржи сѐ што е позитивно за Македонија и Бугарија.

Ги нема веќе изјавите на Борисов, „Зоран Заев е мојот пријател во Македонија“, некако таа се смени со „утре не знаеме кој ќе победи во веќе Северна Македонија”.
Нешто чудно се случува можеби во односите Борисов-Заев, некако како да се отвара нов хоризонт за старото пријателство помеѓу македонската и бугарската десница.

И додека мегафони на СДСМ се обидуваат да го нападнат Мицкоски дека го поддржува договорот, некако потсвесно му ги отвараат вратите кон премиерскиот стол.
Времето ќе покаже, но блиската македонска историја вели-кој е близок со бугарскиот премиер станува негов колега како премиер во Македонија.

Не верував дека некогаш ќе напишам ваков текст, особено не во насока дека Мицкоски би станал премиер, евентуално поради мојата јасна позиционираност надвор од двата блока, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, но кога фактите зборуваат и Боговите молчат.

Автор: Димче Петкоски, Генерален секретар на ГДУ