ДЕСКОСКА: КАТИЦА ЈАНЕВА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА РЕШАВАЊЕTO НА СТАТУСОТ НА СЈО
Каменот на сопнување во текот на преговорите за Законот за јавно обвинителство не е Катица Јанева туку барањето за затворање на постапките кои се почнати од СЈО по периодот од првите 18 месеци и уништувањето на дотогаш собраните докази. Тоа е клучното прашање за кое има непомирливи разлики, вели министерката за правда Рената Дескоска.
Другите прашања, според Дескоска, се прашања за кои има мегдан за разговор.
– Битни се принципите кои треба да се усвојат во законот, а не личните интереси или судири. Со оглед на тоа што новиот закон предвидува дека двете обвинителства – за организиран криминал и СЈО се спојуваат, логично е дека сите обвинители чиј мандат трае и сите вработени од двете обвинителства да преминат во новото обвинителство. Катица Јанева не влегува во тој пакет, бидејќи нејзе мандатот и истекува на 15 септември. Но, кога зборуваме за конкретни личности, без оглед дали се обвинители или вработени во обвинителствата, мора да бидеме свесни дека доколку се докаже нивна кривична одговорност, тие со судска одлука би биле отстранети од своите работни места, без оглед каде законот предвидува дека би ја продолжиле нивната кариера. До донесување на судската одлука останува пресумпцијата на невиност, вели министерката за правда Рената Дескоска интервју за „Независен весник”.
