ДНОТО ВО ЗДРАВСТВОТО

Ваш став Истакнато Позиција

Во животот некогаш посакуваш да си на дното, за да не можеш повеќе да тонеш и само да одиш нагоре по патеката на животот. Вака во моментот најверојатно посакува и нашиот министер за здравство Венко Филипче, но агонијата ќе му трае и трае се до моментот кога ќе собере доволно храброст да си потпише една неотповиклива оставка. Дај Министре, скрати си ги маките, признај дека си лош менаџер и врати им се на секојдневните обврски во болницата.

Зарем деца починати од морбили во 21 век, лица починати од сезонски грип, превенција и заштита кои не постојат не се причини да се понесе морална и политичка одговорност? Да се отстапи местото на некој кој ќе има квалификации и волја да се фати во костец со здравствениот систем што ни умира на раце.

Граѓанско демократска унија се чувствува должна да го повика Министерот да си преземе одговорност за дејствијата што ни се случуваат во здравството. Никому не му е сеедно кога ќе чуе дека две деца, од шест и тринаесет месеци ни починаа од морбили, болест која секаде во светот се лекува. Се вадиме на изговори од типот компликации во здравствената состојба, проследени со присуство на други болести, на невакцинираност, на анти-вакциналната кампања, на неписменоста на родителите, на јавноста, на лошата поставеност на ѕвездите во хороскопот и дури на црна магија. А една доблест од типот признавање на вина и понесување на одговорност си недостига и како што гледаме ќе ја нема во блиска иднина.

Зарем тој Клинички центар што се најавува со години, а никако да почне да се гради ќе ни ја смени состојбата во системот? Зарем цената што за него вртоглаво расне и од планираните 128 милиони евра на ДПМНЕ, на сегашни 480 милиони за СДСМ ќе ни го смени карактерот, па грешката конечно да ја бараме кај себе, а не кај околината?

Ни умираат луѓе затоа што немаме лекарства на позитивна листа (само прва недела во месецот), но и немаме веќе прави образувани кадри. Она местење на „моите“ на местата во болниците и клиниките ни се враќа на сите нас. Но да даде Бог тоа да си го почувствуваат на своите најмили, па да видат како боли. Додека плаче туѓа мајка, не е страшно. Страшно е кога мечката ќе заигра во нашиот двор.

Автор: Перица Спасовски, претседател на ГДУ-Куманово