|

До независноста или со неа?

Facebook статус на Никица Корубин

Денот на независноста, секаде и во секоја држава, како современа категорија е “главниот ден”, репер и симбол, на едно општество и нејзините граѓани. Денес е нашиот “главен ден”, нашата одредница, нашиот почеток како “свои на свое”. А, сепак, никогаш го немал третманот на некои други, несомнено исклучително важни празници, но никој како овој: нашата конечна независност како држава. Зошто тогаш, нашата независност, ја славиме со “задршка”, особено кога поради “идентитетот” ја блокираме сопствената иднина? Зарем не треба токму денес, “идентитетот” да го воздигнеме, и нашата независност да ја прославиме?

Наместо тоа, токму денес, ламентација и жалопојки, колку државата е “лоша, неспособна и мизерна”, колку “не ја бива” и колку добро било претходно. Претходно, кога независна држава, сме немале. Баш денес сите се сеќаваат на сите несреќи (иако некои и не смеат да се заборават), завидуваат на сите иселени, ги воспеваат сите “добронамерници”, се ситат на сите промашувања. Чиниш, владее тага и гнев, а не радост за нашата независност како држава, но и за нас како граѓани, благодарение на постоење токму на истата таа независна држава. Затоа што, каде тоа, ќе можеше така “жестоко” да се брани “идентитетот”, ако не постоеше независна држава? Кој, чудно, денес и никој не го споменува.

Оваа официјална воздржаност низ годините, на прославата на денот на независноста, зачинет со поддршката на “јавноста”, на лично и колективно ниво, се чини не го менува многу, ставот на граѓаните за независноста како таква, и нивната свест и перцепција за единствената држава што ја имаме. Ја заматува и компромитира, но не може да ја уништи. Затоа што само оваа држава, како организиран систем и формација, како општество и начин на живот, е основа за надеж, надеж дека може да биде подобро. Само преку неа, сме дел од современиот свет и ќе бидеме дел од ЕУ.

Нема друга форма и нема друга заблуда. Нема друга фикција, и нема(ло) друга независност. Нема други толку заслужни, како ние самите и оние пред нас. Никој не ни ја “создал” и “подарил”, па не држи како заложници на своето добродетелство. Никој и не можел, ако самите не сме сакале. И таа зависност не’ спречува да ја прифатиме нашата независност како држава. Или тие “зависни” ја спречуваат на секаков можен начин, нашата ментална независност. Не е исто ако славиш стекната или “наследена и дадена” независност. Во првиот случај си “свој”, во вториот “туѓ”. Туѓинец кој чека “ослободување” од историскиот след и контекст, независна држава Северна Македонија, фактички, 32 години, и конечно и ментално.

И тоа не е негација, на историскиот континуитет на 20-от век и сите обиди, и цела борба, која секоја генерација ја водела на начин кој одговарал на околностите и контекстот на времето во кое живееле; туку потврда и триумф. Триумф кој заслужува најголема почит и радост. Но, најважно свест.

Затоа, што од таа свест, ќе зависи каква држава имаме и каква држава ќе бидеме. Кој не’ кочи, и кој и пркоси на историјата и континуитет. Но, историјата не може да се смени, туку да се разбере. Исто како што конечно треба да ја разбереме големината, подвигот и исклучителноста на 8 Септември. Речиси на ниво на чудо, погледнато од дистанца после 32 години обиди за поданичка зависност.

Честит и среќен ден на независноста. Свои на свое.



Слични Објави