|

МОДЕРНИОТ КЕНТАУР

Политиката е, можеби, еден од најупотребуваните, но истовремено и еден од најомразените поими во државата. Но, она што е застрашувачки е што е и најмалку разбран поим. А во таа група, ни помалку ни повеќе, спаѓаат и самите политичари. Голем дел од нив. Оние кои се платени за да ја креираат, а и спроведуваат. И сѐ додека политиката е игра на перцепции, а не политика, секој ќе губи. А најмногу граѓаните.

Но, реалноста, некако, ни потврдува дека на страната на губитниците не се наоѓаат оние кои најмногу заслужуваат, односно политичарите кои ја (зло)употребиле политиката за да создадат свои империи, за да купат брда и планини, фабрики и акции, дома или надвор. За нив политиката била и останува игра на перцепции. Перцепција дека тоа е најлесен пат за да се стекне плен, бизнис што преку ноќ ќе те вивне кон пиедесталот и ќе ти го (на)полни чекмеџето.

Како поинаку да се оправдаат пространите куќи, луксузните автомобили, раскошот во кој живеат. Не ни треба виша математика за да пресметаме дека дури и да се земаат највисоките плати месечно есапот никако не може да излезе. Затоа што овде не важи правилото 2+2 = 4. Задачата нема решение!

Префрлувајќи се од математиката кон правосудството, се потсетувам на начелото кое вели дека 100 сомнежи не претставуваат доказ. Арно ама, што кога имаш 100 аргументи, а некој со години се обидува да ги претвори во сомнежи. Што со таквата извртена реалност?!?

Кога сме веќе кај извртената реалност, не можам а да не си дозволам, со метафоричка смелост, да прокоментирам дека во мозокот на многу гласачи политичарот е полу-бог, да не речам еден современ вид на кентаур. Ако митолошкиот кентаур е получовек и полуживотно, овој модерниот, сегашниот, се развил до стадиум што достигнал ниво на Бог.

Бог кој оди на земјата и од автомобил Застава 101, по неколку години власт, се префрлил на сјајно возило со коњи до бесконечност. Во меѓувреме, овие наши кентаури за судбината на народот одлучуваат од 5-star хотели и на гала вечери.

Ајде, да ја свртам и поинаку. Многумина доброситуирани луѓе решиле да станат политичари. Влегле во играта со ветување дека ќе работат на добросостојбата на државата, упатувајќи порака дека кога си богат немаш мотив да ја крадеш државата или да станеш уште побогат. И сето тоа звучи многу убаво, сѐ до моментот кога ќе се најдат на тронот. Штом ќе се најдат таму, приказната добива друг тек. Ликовите кои носат свежина и надеж одненадеж се менуваат во алчни грабливци. И стануваат уште побогати додека се на власт.

Каде е тука отвореноста кон народот? Каде е тука објаснувањето? И од сегашните, а и од политичарите кои веќе не се на тронот. Овие неколку прашања станаа толку комплексни што ќе треба тим научници, сега или во иднина, да се измачи и да ја исцрта траекторијата на патот по кој се движеле (не)славните политичари. Притоа главната хипотеза ќе биде „колку што си политички неспособен толку стануваш финансиски помоќен“. А материјали ќе имаат колку што ти душа сака. Од снимки, оние кои останале непоплавени и ја преживеале моќната функција „erase – delete all – shredder“, до договори за сомнителни концесии и разно-разни играрии со државниот буџет.

Луѓе мои, што ни остана? Да направиме нов Устав со кој ќе им дадеме имунитет на сите оние што некогаш биле или се на власт и да станеме единствената држава во Европа што на криминалот ќе му даде уставност и моќ на легитимност.

Чудни нешта предизвикува човековиот мозок. Психологот од Универзитетот во Орегон Елиот Беркман вели дека постојат два различни мозочни системи кога се одговара на прашањата „зошто“ и „како“. Сферата во која се поставува прашањето „ЗОШТО“ се поврзува со апстрактното размислување, правењето ментални слики и носењето заклучоци за намерите. Делот за „КАКО“ се поврзува со конкретните дејствија, извршување и контрола на моториката. Кога едното се активира, другото оди на стендбај. Или на теренот на кентауро-политичарите мозочната сфера во која се поставува прашањето „зошто“ оди на комплетен стендбај, додека „како“ се одвива со полна пареа. Како да украдам, како да станам богат преку ноќ, како да ја поседувам половина држава, и така редум. А не зошто крадам, како ли ми се случи ова?

Туку, да бидеме практични. Ајде еден ветинг, па да видиме кој како и зошто станал богат. И бог и богат! И шут и рогат!

Ајде веќе, еднаш засекогаш, да го уништиме правилото што долго важи „Кради малку и ќе одиш во затвор, кради многу и ќе станеш крал“.

Автор: д-р Арбен Таравари, градоначалник на општина Гостивар



Слични Објави