ДОДЕКА БУГАРИЈА КРКА „ШАМАРИ“ НИЕ СО ДИПЛОМАТИЈАТА ТИП „НИКОЛА ДИМИТРОВ“ ЕУ ЌЕ JA ВИДИМЕ НЕКАДЕ ВО 205О Г.

Додека Захариева го крши рускиот порцелан во својот кабинет, како што пишува почитуваниот колега Сашо Орданоски, а ние опијанети од огромниот дипломатски успех се радуваме на „шамарот“ што го доби Бугарија не е лошо да погледнеме со мала доза на прагматизам околу тоа што реално ни се случува.

loading...

Благодарение на генијалецот Димитров, Македонија треба да почека да се реши уште еден проблем внатре во ЕУ, а потоа да ја забрза работата околу решавањето на отворените прашања со Бугарија па макар и истите да бидат поставени само на билатерално ниво.

Спорниот момент за „погрешното толкување на историјата“, што ги натера Чешка и Словачка да излезат со заеднички став и да стават кочница за заклучоците на Советот на Европа за процесот за асоциирање и стабилизација, реално ја вадат Македонија од играта. Сега очите ќе си ги вадат Бугарија, Чешка и Словачка. Последната шанса до крајот на годината да биде одобрена преговорачката рамка за Македонија само што ни замина, а ние се радуваме за шамарот што го доби Бугарија водени од стариот традиционален по нашите географски ширини модел дека „не е важно мене да ми е добро, важно е на комшијата да му е лошо“.

Софија, Прага и Братислава некако ќе успеат да си се разберат. Мене повеќе ме интересира кои ќе бидат следните чекори на нашата генијална дипломатија. Од бугарското МНР соопштија дека заклучоците на Советот на ЕУ не се позрзани со процесот на одобрување на преговорачките рамки за Албанија и Македонија и дури го поздрави дополнителното време во кое како што велат: преговарачката рамка за Македонија ќе се подобри. Рамката за Албанија веќе е одобрена од Софија, а ние добивме плус време за чекање, а Бога ми и лобирање во стилот на Никола Димитров секако. Ако ова некој го смета за наша победа демек некој нас нè заштитил од „клетите Бугари“ дозволете ми да не се согласам.

Бугарија и „бранителите“ на Македонија се некогаш ќе се дообјаснат за своите позиции, а ние ќе си се прчиме по дома, дека ете некој се сетил дека имаме право да си ја толкуваме како сакаме историјата, колку и тие толкувања да се извадени од прстите на историчарите. Супер!

Бугарија доби „шамар“, а ние почетокот на преговорите со ЕУ ќе го добиеме во некаква блиска иднина. Дечки дај проверете дали остана порцелан во кабинетот на Захариева.

Како да процедираме? Бугарите се криви тоа е јасно, ние не сме проблем, ние сме жртви во случајот, ок, ама тоа нема да ги натера Бугарите да ни ја одобрат преговарачката рамка за почеток на преговорите. Тие сега ќе бидат зафатени во расправање со Чешка и Словачка, а ние ќе лобираме за тоа дека во 21 век имаме право да бидеме Македонци и да зборуваме македонски јазик, иако Софија 100 пати досега истакна дека не ги негира современите реалности.


loading...

Мои пријатели, кои имале шанса да се запознаат со бриселската бирократија, ми велат дека токму сега ситуацијата за Македонија уште повеќе ќе се искомплицираа. Зарем мислите дека Бугарија ќе попушти во неодобрувањето на преговарачката рамка за Македонија, само затоа што Чешка и Словачка или било која земја имаат проблем со формулацијата „погрешно толкување на историјата“? Мислете си слободно. Проблемот го има Македонија и тој проблем нема да се реши од воздух па макар Бугарија да добие не шамар туку бокс од сите останати земји во Унијата. Бугарија не попушти за рамката на преговори за Македонија, имаше шанси да го направи тоа, сега откако во заклучоците беа внесени нејзините барања за толкувањето на историјата и нашите договори со нив и Грција, но откако го добија „шамарот“, најверојатно ќе ги зацврстат позиции во однос на Скопје.

Колку време ќе им одземе на Бугарите, Чесите и Словаците да се разберат никој не знае. Колку време Бугарија ќе се тегне со преговарачката рамка за Македонија исто така.

Тоа значи само едно Македонија уште долго време нема да помириса почеток на преговори со ЕУ, а знаејќи дека и да почнат истите можат да бидат одолговлекувани до неповрат, ништо европско и добро не ни се пишува.

На Македонците им останува една последна шанса, да си ги побараат воените книшки на своите дедовци и еден по еден како што го правеа тоа досега да влегуваат во ЕУ преку бугарските пасоши. Со дипломатија водена од генијалци како Димитров ништо чудно да станеме дел од Унијата дури во 2050-2055 г. Се разбира има веројатност до тогаш Унијата да не постои како структура, но немојте да паѓате со духот, со или без ЕУ се ќе се најде некој, кој ќе и удира шамари на Бугарија затоа што не попушта за Самоил и за Гоце и се разбира за правото на македонските историчари црното слободно да можат да го толкуваат како бело.

Автор: Атанас Величков