Дончев: Започнува пазарно истражување за бугарска разработка на дронови
Заменик премиерот на Бугарија Томислав Дончев најави дека секој момент ќе започне пазарното истражување и конкурсната постапка за бугарски развивачи на неколку типа дронови, јавува БНР.
Тој изјави дека активностите ќе се спроведуваат преку Центарот за иновации во одбраната на Бугарија, кој беше формиран оваа година. Според Дончев, бугарските инженери и развивачи имаат целосен капацитет да создадат функционални решенија, но предизвикот ќе биде бугарскиот индустриски потенцијал за масовно производство по ниска цена:
„Јас лично имам искуство со пазарни истражувања и уверен сум дека тоа е во рамките на можностите на бугарските развивачи. Прашањето е дали бугарската индустрија ќе може да произведе доволни количини и да обезбеди конкурентна цена, што е клучно за ваквите производи“, истакна Дончев.
Тој додаде дека Бугарија може брзо да се специјализира во производство на антидрон системи и управувани ракети до тактичко ниво.
Пролетва државната бугарска воена компанија ТЕРЕМ најави соработка со украинска фирма за развој на дронови-камикази.
Од Асоцијацијата на бугарската авијациска индустрија порачаа дека Бугарија има потенцијал да стане стратешки хаб за беспилотна авијација – и цивилна и воена.
Пред една недела, началникот на бугарскиот Генералштаб адмирал Емил Ефтимов соопшти дека военото и цивилното раководство на бугарската армија изработиле анализа за европскиот проект за „ѕид од дронови“, а извештајот за можниот придонес на Бугарија е доставен до министерот за одбрана.