„ДРУГАРУВАЊЕТО СО КНИГИТЕ НИ Е ПЕСНА“ – КОЧАНИ ГО ОДБЕЛЕЖУВА ДЕНОТ НА ЛИТЕРАТУРАТА ЗА ДЕЦА

Истакнато Култура

По повод Денот на литературата за деца, под мотото „Другарувањето со книгите ни е песна“, Библиотеката „Искра“ организира Фестивал на децата, музиката и книгата.

Во рамките на програмата беше промовирано творештвото на Трајче Кацаров, добитник на наградата „Ванчо Николески“ за 2018 г., а се одржаа и литературни средби на учениците од кочанските основни училишта со авторите Јадранка Клисарова, Христо Петрески, Нове Цветановски и роднокрајните авторки Ленче Стоименова и Славица Цветкова.

– Целта на овој проект е сите клучни фактори да придонесат во развивањето на љубовта на децата кон книгата и читањето. Неопходно е кај нив да ги негуваме позитивните вредности, така што активно ќе ги вклучуваме во културниот живот и од нив ќе градиме одговорни личности кон средината во која живеат – рече координаторката на проектот Магдалена Кочовска-Салтирова.
Во Библиотеката „Искра“ се одржа ликовна работилница со илустраторката Натали Николовска, а во текот на целиот ден е поставен продажен штанд на издавачката куќа „Македоника литера“.
Во салата на Мултикултурниот центар, со музички и литературни точки настапија ученици од основните училишта од Кочани и од Јазичниот центар „Амичи“.

Проектот се реализира со поддршка на Министерството за култура и на Општина Кочани.