| |

ЕМОТИВНО СВЕДОШТВО ЗА БОРБАТА СО КОВИД-19: ЈА ВИДОВ СМРТТА ПРЕД ВРАТА

Вирусот Ковид-19 постои. Тој не е шега. Прочитајте ја емотивната животна приказна на Снежана Јакимова од Росоман, за нејзината борба со коронавирус, објавена од Тазе

„Поминав една голгота со Ковид-19, верувајте дека постои вирусот и дека е многу непредвидлив. Јас лично си ја видов смртта пред врата. Толку лошо беше, што мислев дека е крај. Благодарение на мајка Св. Петка што ме спаси, еве една недела веќе сум подобра.

Што сакам да кажам? Пазете се, луѓе. Сакам сите болни да се изборат, како што јас се изборив со помош на Господ.

Исто така сакам јавно да се заблагодарам на мојата 83-годишна мајкичка, што секое утро со солзи во очите ми носеше што ми требаше.

Голема благодарност до дечките мои, но тие се должни да ме гледаат. Голема благодарност до тебе братче на 1.000 километри. Со камера кога умирав, бладав, ти ме молеше, „стани Снежо, бори се“. До мојата братучетка преку мориња и океани, Станче, што секој ден ме моли „стани сестро, изгубивме една сестра немој и тебе“.

Една огромна благодарност до моите пријатели/ки што ми пишуваа кога ми беше многу тешко и што ме расплака пријателката од Фејсбук, Лиле. Ми се јави и вели „кажи Снежана што ти треба, веднаш тргнувам од Скопје“. Фала ти од срце.

Најголема благодарност до мојата пријателка Благица, што неуморно секој ден ми носеше чај, супа и се уште носи. Велам „не треба, добра сум“, а таа, „немај гајле, само ти опорави се“.

Да не ги заборавам и сите роднини и пријатели што мислеа дека Ковид-19 се пренесува и преку телефон!

Добри луѓе, чувајте се, имајте верба во Господ, тој ни е најголем пријател и заштитник – сподели таа на социјалните мрежи.

Борбата на Јакимова со коронавирусот е во домашни услови. Но, таа ни кажа дека со денови одела на Инфективното одделение во Кавадарци за да прими инфузија.



Слични Објави