Enfant terrible – духовите (партиски) се вознемирија
Facebook статус на Никица Корубин
Сѐ поголемата потенцијална неизлезност на претстојните двојни избори, кои многу лесно можат да бидат реалност гледајќи ги претходните два изборни циклуси, и очигледната апатија и недоверба на граѓаните во партискиот естаблишмент; како да стана примамлива за партиите. Нивното очигледно игнорирање на порастот на неизлезноста на изборите, кое помеѓу изборните циклуси се јавува како “неопределеност” на малкуте кредибилни, и повеќето фиктивни и наменски анкети; ако на почетокот укажуваше на нивниот страв, сега се чини дека укажува на нивната радост. Радост која никој не смее да ја помати.
Имено, за вака поставените партии кои стриктно се реферираат на “своите” и инсистираат на јасно и послушно дефинирање на припадност, и пред се’ следбеништво (европски или патриотски фронт); големо прашање е желбата за поголема излезност, надвор од “масата” која сакаат (и можат) да ја “контролираат”. Лесно е со “своите”, што правиме со неопределените и особено со “изгубените”? Изгубените од нивните традиционални потесни и пошироки кругови на симпатизери, кои многу често го определуваат исходот на изборите.
Иако, и за нив се спремни “мамки”, прилично лошо маскирани во “нови ликови”, но со никогаш појасни (пара)европски или (пара)патриотски ориентации; подалеку од чистиот клиентелизам и лукративност, но кои се веќе доволно долго навикнати, за да станат “елита” која ќе ги собира одметнатите “непослушни и неподобни” од двете страни на спектарот. И во таа хармонија и изборна конструкција; им се појавува најнепосакуваниот “непослушник”, прав enfant terrible, за нивниот разработен и етаблиран “систем на контрола” (заробеното општество).
Но, она што “изненадува” е толку големиот интерес на македонските медиуми и партии за случувањата во албанската опозиција, и за неформалното приклучување кон нив на наши Албанци, блиски соработници на косовскиот премиер Албин Курти; која инаку традиционално се остава сама да се спротистави на албанската позиција, во нашето “едно општество за сите”: македонските работи на Македонците, албанските работи на Албанците. Прав “соживот”. Наеднаш сите се заинтересирани за изборниот процес, кој смее, а кој не смее да учествува на избори (иако формално учество и нема); за регуларноста и легитимноста, за опасностите и “странските влијанија”.
Бидејќи нели “странските влијанија” се дозволени само од домашните партии, кои непречено се шират во јавниот простор, исто како што се дозволени сите “сестрински” мешетарења (партиски и религиозни), па никој никогаш и не прашува кој всушност во државата ги контролира политичките партии, нивното внатрешно функционирање и усогласеност со законот? Таа тема е цензурирана. Исто, како што во неколку наврати беше очигледно цензуриран и самиот косовски премиер кога беше во Северна Македонија, а сега кога не е тука е главна тема на “дебата”, која само наликува на хајка. Еднонасочна дебата, какви што се и сите наши: наративот на “јавноста”.
Но, кому всушност “јавноста” и тоа македонска помага? Завзема страна во непочната изборна кампања? Страната е иста и на македонската власт и на македонската опозиција? “Страната” ќе биде иста и за било кое друго “вмешателство”, албанско или македонско, на политичката сцена? Прашања кои сами се наметнуваат, во процепот на организирање на избори, без уставни измени, а со формална и декларативна про-европска ориентација.
А, дали е “формална” или “декларативна” европската ориентација, (не)свесно или не, надвор од партиските логики и коалиции, се покажува и врз “третманот” на европските партнери. Бидејќи за разлика од македонската опозиција, албанската опозиција е јасно европски определена. Па, нели се одлучува “европската иднина” на изборите?
Или дојде време на подобни европејци и неподобни европејци? Легитимно е секој да си ги бира своите партнери, но легитимно е и граѓаните да може да изберат. Без да им се стави печатот на “подобност”. Затоа што ЕУ е за сите нас, како парадигма на функционален систем, а не слоган за (партиска) контрола. И тука се гледа вистинската намера. За страв или надеж, зависно дали ве бираат или бирате. И особено што бираме, “ЕУ за сите” или “ЕУ за некого”?

