|

Фестивалот на полски филм „Висла“ на МФФ Киненова

Со проекцијата на филмот „Брижит Бардо, засекогаш“ во режија и по сценарио на Лех Мајевски од викендов почна претставувањето на полската кинематографија во рамките на фестивалот Киненова.

Станува збор за второ издание на полскиот филмски фестивал „Висла“, кој во партнерство со МФФ Киненова од 13 до 18 октомври во Скопје ќе ги прикаже и филмовите: „Опасни Господа“ во режија на Мачеј Кавалски, „Под површината“ во режија на Јацек Блавут, „25 години невиност: Случајот на Томек Коменда“ во режија на Јан Холубек.

Во „Брижит Бардо, засекогаш“, Мајевски го прикажува периодот на средината на 20-от век во Народна Полска. Главниот лик, Адам живее со својата мајка, а таткото бил пилот од Втората светска војна и подолго време никој нема слушнато ништо за него. Не е познато дали тој останал во Англија или се вратил во земјата и се крие за да избегне прогон. Од него пристигнуваат пакети и разгледници, но Адам, кој никогаш не го видел својот татко, се сомнева дека пакетите ги испраќа некој друг.

„Опасни господа“ на Мечеј Кавалски ја раскажува приказната заТадеуш Бој-Зелењски, Виткаси, Џозеф Конрад и Бронислав Малиновски кои се будат по многу пијана ноќна забава, никој на ништо не се сеќава, а ситуацијата не ја подобрува ниту лешот на непознат маж пронајден на подот. Згора на тоа, државните обвинители чукаат на вратата од куќата и тука е почетокот на неволјата…

Јацек Блавут во „Под површината“ не враќа во 1940 година, додека сојузничките војници френетично се евакуираат на плажите во Данкерк, полската подморница ОРП Орзел тргнува на опасна мисија во Северното Море. На линијата на движење ќе наиде на подводни мини, воздушни бомбардирања и непријателски бродови. Екипажот мора да се соочи со зголемена физичка и ментална исцрпеност. Но, вистинскиот непријател е невидлив, скриен во клаустрофобичната внатрешност на бродот…

„25 години невиност“ – режисерското деби на Јан Холубек е трогателна трилер – драма базирана на вистински настан во Полска. Филмот ја раскажува приказната за животот на Томаш Коменда – млад човек погрешно осуден на 25 години затвор за силување и убиство на тинејџерка. Филмаџиите се обидуваат да најдат одговори на прашања кои и денес ги мачат сите. Како можеше ова да се случи? Зошто еден невин човек мораше да чека 18 години во ќелија за правда.

Целта на фестивалот „Висла“ е да ја претстави полската култура во странство и да ја промовира полската кинематографија.



Слични Објави