| |

ФИКТИВНА И ВИСТИНСКА ДЕМОКРАТИЈА

Пред некој ден СДСМ објави дека на Централен Одбор започна постапка за избор на пратеници за изборите во април, при што постапката ќе почнела од базата – месните одбори и основните организации кои ќе предлагале свои кандидати, а ќе имало можност и за самокандидирање. Па уште во процесот на избор на кандидати за пратеници ќе вклучеле и странски експерти! Права милина од демократија – само да не се работи за добро спакувана обланда, ФИКТИВНА ДЕМОКРАТИЈА која ја прават и во ДПМНЕ и ДУИ, за да се замачкаат очите на оние кои барем малку се разбираат во демократија. Истава приказна веќе со години ни ја продаваат, ама веќе научивме да ги читаме – како буквар. Дали било кој уште им верува во нивните лаги, знаејќи дека според нивниот партиски статут претседателот на партијата ги бира претседателите на основните организации и месните комитети, како и членовите на највисоките тела на партијата – Централниот и Извршниот Одбор, а овие пак треба да предлагаат и да избораат кандидати за пратенички листи. Јасно како ден е дека сите кандидати за пратеници мора да поминат на поклонение за лојалност кај Лидерот на партијата, и дека колку се полојални – толку ќе бидат на повисоко место на листите. И уште Лидерот ги поддржува и досегашните пратеници за нивна повторна кандидатура, а јасно е дека повторно ќе бидат на листите само оние кои во изминатиот мандат му биле најлојални на лидерот.

Од оваа проста логика произлегува дека Македонија досега со затворените изборни листи беше во фиктивна демократија, која всушност е прикриена автократија со тенденција кон диктатура. Со истиот изборен систем нема шанси овде да се смени нешто битно, се гледа дека и натаму се нуди реприза на истиот филм кој што го гледаме 30 години со затворените листи. Зарем е можно ова пак да ни го прават, и покрај сознанието дека шемата им е пробиена и прочитана, или до толку се занесени од власта што се спремни и натаму бездушно да не лажат и крадат, без оглед што се прочитани? Што е тоа толку силно што ги тера на тоа, дали се само моќта и парите?

Логиката говори нешто друго, и не носи до вистината која некому му се допаѓа а некому не, но таа е најважна. Западните земји имаа интерес Македонија да стане самостојна држава, па од самиот почеток ни помагаа да ја организираме. На сите им е јасно дека во Македонија од самиот почеток не можеше да се „избере“ ни претседател, ни премиер, ни министер или поважна политичка фигура – без „амин“ од западните амбасади, пред се американската и германската. Ова значи дека запад сакаше СДСМ да ја спроведе приватизацијата во Македонија, а потоа ДПМНЕ, како патриотска партија, да ги спроведе најтешките економски реформи, како фискализација на земјата и многу други болни реформи, кои без поголеми немири можеа да се спроведат само со диктатура. И тие тоа го извршија со уживање, а и многу добро си го наплатија. Тоа ептен им се погоди на Груевски и Мијалков, само што тие не ја исполнија главната задача, која ја ветија и заради која им се толерираа сите изживувања во диктатурата – не го променија името на земјата. Затоа, по налог на западните сили, на ДПМНЕ им се открија сите криминали кои ги правеа преку прислушкуваните разговори, за да се срушат од власта на која заседнаа и од која ни по цена на крв не сакаа да се тргнат, а од западот беше поставен Заев со максимална подршка за сѐ – само да го одработи проектот за промената на името, што тој „машки“ го одработи. За цело ова време, за да можат да ги одработат задачите кои им ги поставуваа, западните сили им ја дадоа на располагање на нашите „лидери“ најсилната алатка за глумење и лажирање на демократијата – затворените изборни листи, со кои тие инсталираа свои автократии, и тоа како прикриено, за време на Црвенковски и Георгиевски, така и отворено за време на Груевски. Но, сега на тој западен проект полека му се гледа крајот – за кратко влегуваме во НАТО и почнуваме преговори со ЕУ, со што, сакале ние или не, ќе мора да ја реорганизираме државата по теркот на ЕУ, со ОТВОРЕНИ ИЗБОРНИ ЛИСТИ. Дали по почетокот на преговорите со ЕУ на западните сили ќе им требаат силни автократи во Македонија, кои за се ќе можат да решаваат сами и тие да ја контролираат државата? Секако не!

Според таа логика ова би требало да се последните избори кои ќе бидат организирани со затворени изборни листи, меѓународната заедница веќе ја поддржа иницијативата за јавна расправа и измена на изборниот закон – со воведување на отворени листи и една изборна единица, како во ЕУ. Оваа иницијатива не успеа само заради отвореното одбивање од ДПМНЕ и ДУИ, прикриеното од СДСМ, а и заради забраната од организираните политички криминалци, за кои зборував во минатата колумна. Сега за забрана на воведувањето на отворени изборни листи силата на големите партии им ја даде бројноста на пратениците во парламентот, но дали и натаму овие партии ќе ја имаат оваа сила? Е тоа зависи само од нас, граѓаните на Македонија, и сега, пред и за време на изборите, треба да ја покажеме нашата државничка свест. Ако сакаме и натаму вака да ни ја понижуваат интелегенцијата, со лажирана демократија и квази-демократски изборни листи по теркот само на лидерите – треба само пак да си ги гласаме ДПМНЕ, ДУИ и СДСМ и нема да мрднеме од овој филм, а преговорите со ЕУ ќе ни траат цела вечност зошто на големите лидери така им одговара, за вечно да владеат со простите и малодушни човечиња создадени за манипулирање.

Гласачката машинерија на овие три партии главно ја делиме на две категории: партиски војници и заведени или изманипулирани граѓани. На првите нема што да им се лутиме, тие отворено се договориле со партиите, си направиле пазар: што добиваат тие лично за одреден број гласови или слугување, и тоа бездушно го прават – толку им се и паметот и душата, не се способни да видат подалеку од својот нос и личниот интерес. Ова го пишувам повеќе за другата категорија луѓе – заведените и изманипулираните, за нив да им се отворат очите и да видат што се случува, па ако им се допаѓа – пак нека гласаат за сопственото и за ропството на нивните деца.

А најмногу ова го пишувам за неопределените и збунетите, на кои не им се допаѓа ова што се случува со државата – ама не знаат ни зошто е тоа така, ни како тоа да го променат, кон која цел. Тие сега од револт во голем број решаваат да ги апстинираат изборите, мислејќи дека така ќе им наштетат на големите партии, а со апстиненцијата го прават токму спротивното – го зголемуваат процентот на освоени гласови на изборите за големите партии, а со тоа и бројот на нивни пратеници во Собрание. Тогаш кое е вистинското решение за спас од овие професионални политички криминалци? Сѐ е толку едноставно и јасно, и постојано тоа го нагласувам – со гласањето за ОТВОРЕНИ ИЗБОРНИ ЛИСТИ и за помалите партии кои тоа итно го нудат, па целата ситуација веднаш се менува за 360 степени, и од „тринаесто прасе“ – ние граѓаните стануваме главната и одлучувачка сила во државата, и тоа не само за денот на изборите – туку и постојано, во текот на целиот мандат на пратениците и владата. Со ОТВОРЕНИТЕ ЛИСТИ ние граѓаните одлучуваме кој ќе биде на пратеничките листи на партиите, а не криминалциве да ни глумат предлози од МО, ОО или од странски експерти. Ние граѓаните најдобро ги познаваме нашите луѓе, и кој од нив вреди и заслужува да биде кандидат и изгласан пратеник во Нашето Собрание. И кога кандидатите ќе знаат дека заради нас се ставени на листите, дека ние со нашите гласови сме ги поставиле на првите добитни места за пратеници – секако дека нам ќе ни бидат лојални, и тоа преку целиот мандат, а не на лидерите, кои може и да не бидат тоа – ако не освојат доволно Наши гласови. Е ова е ВИСТИНСКАТА ДЕМОКРАТИЈА!

И тогаш, кога ќе ги избереме нашите пратеници и влада со отворените листи, ќе видиме што се тоа вистински стручњаци од секоја област и како тие ќе водат стручни дебати на медиумите, без постојани обвинувања кој крадел повеќе, кој повеќе вработил во администрацијата и кој повеќе грешел во проектите или перел пари преку нив. Дали тоа можете да си го замислите? Чесни и одговорни интелегентни луѓе да се натпреваруваат во политиката и на медиумите со добри стручни проекти, а под контрола на нас граѓаните? Тоа е можно само со воведување на ОТВОРЕНИ ИЗБОРНИ ЛИСТИ !

Да, ама отворените листи пред овие избори не ги воведоа, и зошто сега да гласаме? Па токму затоа – за да ги воведеме што поскоро, ако може и уште првата година од владеењето. Затоа треба токму сега што помасовно за излеземе на избори, сега е вистинскиот момент, и да гласаме за малите партии и отворените листи. Ако тие и не можат веднаш да освојат голем број пратеници и да формираат влада – барем да освојат доволен број на пратеници за да може формирањето на следната влада да зависи од нив, тие да решаваат која партија од големите ќе ја формира владата – ама под услов итно да ги воведе отворените листи во изборниот закон! А ако не го направи тоа во дадениот рок – да падне владата !

Тоа што е најважно е што повеќе од нас граѓаните да станеме свесни за оваа вистина – за вредноста на отворените изборни листи и за важноста од масовното гласање за нив, а потоа, кога граѓаните сите ќе го знаеме тоа – тогаш се ќе зависи само од нас. Ако сакаме демократија, слобода и убав достоинствен живот – ќе гласаме за опцијата со отворени листи, а ако не – господ нека ни е на помош! Јас сепак цврсто верувам дека досега ние граѓаните не бевме доволно информирани за главната причина на сите големи зла кои досега не снајдоа како земја – затворените листи. Сметам дека со една добра кампања ќе ни се отворат очите, и дека сите слободоумни и прогресивни граѓани масовно ќе гласаме за партиите што нудат итни ОТВОРЕНИ ИЗБОРНИ ЛИСТИ ! Кампањата доаѓа, да не дозволиме „големите“ повторено да не манипулираат со богати митинзи и скапи спотови, скапо платени од нашите пари од буџетот. На скромната кампања на помалите партии да им помогнеме со наша голема кампања за ОТВОРЕНИТЕ ИЗБОРНИ ЛИСТИ по социјалните мрежи, со што поголемо споделување на сите нивни настапи и текстови! Само храбро и решително, зошто на љубовта кон татковината, младите и вистинските вредности – никој не може да им застане на патот. Ова е вистинската љубов кон својата татковина, вистинскиот патриотизам со кој се прави современата историја, и се гради најдобрата иднина !

Автор: Елизабета Најдоска Величкова



Слични Објави